Иво и Ерин Ромер, татко и ќерка кои живееја во Цирих, го направија спротивното од она што илјадници граѓани на Македонија го прават секој ден: од пред неколку месеци се жители на Охрид, а од вчера и сопственици на продажен салон и производен погон за стилски мебел, декоративно стакло и акцесоари за угостителски објекти.

Одлуката да се преселиме овде се наметна веднаш после нашето прво доаѓање на одмор пред една година. Три фактори беа пресудни: несекојдневната убавина на Охрид, цените за живот и за бизнис, кои за нашиот стандард се прилично ниски, како и добрата авиосообраќајна поврзаност со Швајцарија. – вели младата Ерин Ромер, менаџер на тукушто отворената компанија ОХСТРУМАК.

Погонот во Мороишта беше свечено отворен вчера, а присутните гости имаа можност да се запознаат со производниот процес. Мебелот се произведува од рециклирано дрво од стари бродови и колонијални куќи, набавено во Индонезија и Бали. Стаклените производи содржат рециклирана стаклена база, која се декорира со обоено стакло во најразлични облици и специфична угостителска намена.

Производите се првенствено наменети за пазарите во Швајцарија, Германија и Австрија, а нашите потрошувачи можат да го посетат продажниот салон лоциран на влезот од селото Мороишта, на само сто метри од регионалниот пат Струга – Дебар. – додаваат од семејството Ромер.

Семејство од Швајцарија се пресели во Охрид и отвори производен погон во Мороишта

OhridNews