Со сечење лента, денес, во селото Велгошти, во рамки на основното училиште „Живко Чинго“ свечено беше пуштена во употреба паралелка во која ќе бидат згрижени 35 деца од предучилишна возраст, а која ќе функционира во рамки на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов изрази задоволство што од денес најмладите жители на селото ќе може да одат во градинка која се наоѓа во близина на нивните домови.
– Со отворањето на овој објект значително се подобруваат условите за згрижување на децата од предучилишна возраст , со што дополнително ќе се придонесе кон демогравскиот развој и се надевам пораст на наталитетот. Јас лично посакувам бројот на новородени деца во општината да се зголемува од година во година, реча Спасов.
Градоначалникот Никола Бакрачески нагласи дека отворањето на градинката е по инцијатива на самите жители, а локалната самоуправа во рамки на своите можности ќе продолжи со тенденцијата да обезбедува соодветна грижа за најмладите.
– Ова е само уште еден доказ дека локалната самоуправа посветено работи на ветувањата кои им ги дадовме на жителите, за кои сме обврзани да ги реализираме. Продолжуваме со адаптирање и реконструкција на градинките во општината. До крај на годината и на почетокот на идната, ќе реализираме низа проекти за подобрување на условите во градинките и школите што подразбира подобрување на просторните услови и набавка на реквизити, изјави Бакрачески.
Во градинката во Велгошти, на простор од 200 метри квадратни, ќе бидат згрижени деца на возраст од 2 до 6 години.
– Станува збор за хетерогена група во која ќе се згрижени деца од 2 до 6 години. Објектот е изграден според сите стандарди за згрижување, имаме нова опрема. Засега децата ќе се во една занимална, но доколку се зголеми бројот на заинтересирани тогаш ќе се отвори и уште една занимална, рече директорката на ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“, Розе Костоска.
Неодамна, објект за згрижување на деца од предучилишна возраст во рамки на градинката „Јасна Ристеска“ беше отворен и во селото Лескоец.