Од општинскиот Црвен крст го најавуваат новиот пролетен циклус на Часовите за приказни за деца на англиски јазик кој ќе започне на 28 февруари и ќе трае до 26 мај. И овој пат децата ќе имаат можност да слушаат и изучуваат нови и интересни содржини, да го учат англискиот јазик и да ја покажат својата креативност.

Оваа програма се одвива во континуитет од 2009 година и постојано се обновува со човечки и материјални ресурси. Секој циклус добиваме нови книги со кои децата ги обновуваат своите знаења, а се приклучуваат и нови волонтери. Секој кој сака да волонтира со деца може да се приклучи кон оваа програма, која е наменета за најмладите од 4 до 7 години. Целта е да се доближи англискиот јазик до децата и да се поттикне нивната љубов кон читањето книги. Оваа програма не е класичен курс по англиски јазик, туку опфаќа повеќе аспекти од развојот на едно дете- социоемотивниот и психоемотивниот развој и социјализација од најмали нозе, потенцира Љубинка Трпеска, професор по англиски јазик и волонтер во општинскиот Црвен крст.

Децата кои ги посетуваат часовите се делат во три групи, а часовите се одржуваат секој четврток и траат 60 минути. Часот е поделен во три целини-читање книги на англиски јазик и преведување, пеење на песнички на англиски јазик и трета целина е боењето и цртањето.

За време на часот децата одбираат книга која може и дома да ја читаат  и вратат со цел да научат дека треба да се грижат за книгите и ги читаат. Потоа се чита на англиски јазик, друг преведува, ги учиме да внимаваат , да бидат тивки, а потоа дискутираме на темата од книгата. Следува дел со песнички на англиски јазик,кои можат лесно да се запомнат. Ги преведуваме и им посочуваме одредени зборови кои може полесно да ги запомнат, а на крај изработуваме и предмети, објаснува Магдалена Апостолоска, професор по англиски јазик и волонтер.

За децата на возраст од 6 или 7 години се организираат и друштвени игри, а се одржуваат и работилници за родителите посветени на развојот на нивните деца.

Уписот за новиот циклус ќе трае до 15 февруари. Заинтересираните родители може да дојдат во просториите на Црвен крст секој работен ден од 8 до 16 часот и пополнат пријава, која може да биде доставена и по електронски пат.

За сите поединости околу часовите родителите ќе имаат можност да се запознаат и на отворениот  ден, што ќе се одржи утре, петок, од 15 до 19 часот во Црвен крст- Охрид.

Т.К.