Напаѓачот на Манчестер јунајтед, Златан Ибрахимовиќ не ја отфрла можноста да се врати во репрезентацијата на Шведска за Светското првенство во Русија.

Ибрахимовиќ се прости од националниот тим по завршувањето на ЕП во 2016 година. Тој не настапи во мундијалските квалификации. Ибрахимовиќ е рекордер според бројот на настапи (116) и постигнати голови (82) за Шведска.

„Ми недостига репрезентацијата. Кога си играл 20 години за репрезентацијата и гледаш дека другите тоа сè уште го прават, чувството е дека сакаш да се вратиш. Вратата не е затворена“, рекол Ибрахимовиќ во Стокхолм каде што со соиграчот Пол Погба отворил дом за деца.

Ибрахимовиќ по тешката повреда во тимот на Манчестер јунајтед се врати во ноември минатата година. Оваа сезона има одиграно само два натпревара за „црвените ѓаволи“.

Шведскиот селектор Јане Андерсон, кој ја презеде репрезентацијата по ЕП во2016 година, неочекувано го мина баражот за мундијалот во Русија. Трите круни во двомечот ја елиминираа Италија.

По бараж-реваншот во Милано, тој бил лут на новинарите и нивните прашања за можното враќање на Ибрахимовиќ во репрезентацијата.

„Фудбалерот престана да игра за Шведска пред 18 месеци, а ние сè уште зборуваме за него. Мораме да разговараме за големите играчи што ги имаме во овој тим. Имаме многу херои“, рекол Андерсон во ноември лани.

Сепак, Ибрахимовиќ се надева дека ќе биде повикан.

„Тоа е тешко прашање. Сакам да почувствувам дека можам да играм добро и да одговорам на потенцијалниот повик. Не сакам да одам во Русија само поради тоа што сум Ибрахимовиќ. Прво морам да играм. Не можеме да разговараме за репрезентацијата доколку не играм. Но, жив сум поради таквите приказни, тоа е добро“, заклучил Ибрахимовиќ.

OhridNews