Идејниот архитектонско – урбанистички проект за заштитениот дел од Студенчишко блато веќе е изработен, пренесува „build.mk”. Порталот објави дека во конкуренција на два доставени архитектонски труда, општина Охрид се одлучила да додели две втори награди во висина од 20.000 денари. Едното идејно решение за овој неодделив сегмент на Охридското Езеро е на авторите Ана Кафтаноска и Марио Баткоски, а со втора награда на Конкурсот се стекна и заедничкиот труд на Бекир Адеми, Амине Адеми и Аурора Саиди.
Според најавите на просторот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“ ќе се гради нова луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани, меѓусебно поврзани со систем од канали и езерца. Долж самото крајбрежје на Охридското езеро, треба да никне долгонајавуваната марина во градот, но и нова плажа со должина од 700 метри. Во изготвувањето на проектната документација за овие градби учествуваат општина Охрид и Министерството за транспорт и врски. Во образложението се наведува дека овој неурбанизран простор одговара на потребите и дека истиот ќе биде опфатен со измените во Генералниот урбанистички план. Со измените, како што објаснија од локалната самоуправа, се остава простор за ревитализација на дел од уништеното Студенчишко блато.
Според екологистите најавените проекти ќе влијаат врз биодиверзитетот на Студенчишкото блато, кое не само што претставува живеалиште на многу видови флора и фауна, е и природен филтер на Охридското Езеро, кое е заштитено од УНЕСКО.
Некогаш Студенчишкото блато се протегало на над 60 хектари, а вкупната површина денес изнесува околу 25 хектари. За овој заштитен еколошки простор во јануари 2012 година е изготвена студија за негова ревитализација од Друштвото за еколошки консалтинг „ДЕКОНС ЕМА“, во соработка со професори од Институтот за биологија во Скопје, Хидробиолошкиот завод, екологисти и самостојни експерти. Во документот се нагласува дека уништувањето на Студенчишкото блато претставува опасност и за Охридското Езеро.
OhridNews неодамна спроведе анкета во која 55% од граѓаните, или 1.605 лица што гласале на анкетата, сметаат дека е голема грешка градењето марина на местото на Студенчишко блато, додека 702 граѓани, или 24% од вкупниот број лица што се вклучиле во анкетата, мислат дека темата бара повеќе информации, анализи и слично, додека 21 отсто од учесниците во анкетата ги поддржуваат најавените урбанистички зафати во Студенчишко блато.
OhridNews
извор:„build.mk“












