Современите општествени процеси, феноменот на дигиталната технологија и предизвиците во врска со идентитетот, културата на меморија, наследството, туризмот и безбедноста се теми на дискусија во рамки на 14. Меѓународна научна конференција „Охрид- Водици 2026“ што од денеска до 19 јануари се одржува во Охрид.

Кога зборуваме за културното наследство, навистина имаме голем предизвик, вели проф. д-р Рубин Земон, посочувајќи дека дигитализацијата може да биде од голема помош, а преку Конференцијата се овозможува да се искористат сите искуства што ги има ширум светот во врска со заштита на културното наследство.

Ќе имаме неколку презентации како се презентира современата културно наследство и туристичките потреби преку користење на дигитализацијата. Ќе слушнеме искуства и од НУ Завод и Музеј Охрид како и други искуства во врска со културното наследство, коешто се презентира преку современите дигитални технологии што се користат, особено вештачката интелигенција. Колку имаме позитиви имаме и злоупотреба на вештачката интелигенција и ќе слушнеме искуство од светот како тоа се користи воопшто и што можеме ние како наука да дадеме одговор на тие предизвици. Кога зборуваме за идентитетот имаме големи напади на идентитетот. Имаме говор на омраза. Значи, многу се развива тој говор на омраза. Ќе имаме специјална сесија и за безбедноста, бидејќи тој говор на омраза носи и безбедносни проблеми, нормално и безбедноста во современите, да кажеме, проблеми што ги имаме во светот, па особено во 2025 година имаме голем број на проблеми со безбедноста, така што мислам дека ќе дадеме наш скромен придонес за да на некој начин помогнеме на општеството и на јавноста да се справат со овие проблеми, посочува.

Охрид, додава, гледаме во овие последните дваесет, триесет години дека на некој начин се маргинализира од тоа место што го заслужува, град под заштита на УНЕСКО.

Ние имаме проблеми со егзистенцијата на градот, со загрозување на културното наследство, со идентитетот, со промоцијата. Ние наместо да го искористиме фактот што во Охрид бил првиот Универзитет во Европа и да го направиме тоа да биде наша гордост, ние сето тоа го ставивме во некои рамки, што е навистина во тајност и смета дека на ваков начин ќе успееме. Ја развиваме соработката преку Конференцијата што води и кон реализација на регионални и меѓународни проекти, додава Земон.

Селма Мухич Диздаревич од Карловиот Универзитет во Чешка која учествува на Конференцијата со труд на тема „Конструкцијата на меморијата во дигиталниот простор што е поврзана со младите луѓе“, посочува дека во моментов всушност главниот проблем е како вистината се конструира во дигиталниот простор, како на младите им се презентира ова историско искуство, на кој начин социјалните мрежи, на кој начин овие големи јазични модели и вештачката интелигенција влијаат.

Ова сега се големи предизвици, бидејќи знаеме дека е проблем и за нас да ги толкуваме овие историски настани, а во овој современ свет тоа е уште поголем предизвик за овие млади луѓе и за начинот на кој ги користат социјалните мрежи и вештачката интелигенција, посочува.

Горан Башиќ од Институтот на друштвени науки во Белград, Србија, посочи дека како учесник на Конференцијата ќе говори на тема поврзана за малцинство кое е заборавено и изгубено, односно за Власи, кои вели се видливи во Македонија, но во другите балкански земји тоа не е случај.

Во Србија, тоа е заедница која оставила силен впечаток врз културното наследство на земјата, врз граѓанското општество, врз развојот на економијата, но во моментов има само 200 од нив декларирани и тие едноставно немаат потенцијал да го заштитат своето културно наследство. И тоа не е само кога станува збор за Власите. Ист е случајот, на пример, со Србите во Унгарија, кои некогаш како Власите беа силен потенцијал за развој на унгарското општество, но денес тие се само траги што, за среќа, Унгарија знае да ги препознае и да, користејќи модерни технологии го зачува тој идентитет. Со сите овие наши земји, проблемот е што немаме само еден јазик, туку имаме повеќе јазици, имаме повеќе идентитети, повеќе групи луѓе кои се многу горди на својот идентитет. Многу често, овие идентитети доаѓаат во конфликт, доаѓаат во некои противречности, а тоа е во суштина вештината на политичарите, на оние луѓе кои создаваат политики, да се координираат и создаваат политички системи, истакна.

Сите, вели, знаеме колку лошо се справивме со целата таа ситуација, а и Европа исто така се справи лошо и очекувањата беа таа да ни помогне да ги надминеме овие проблеми и да ги уредиме на начинот на кој се уредени на Запад, бидејќи, посочува, западните општества излегоа од истите и пострашни проблеми во деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век.

За жал, сè уште ги имаме превирањата и сè уште не ги цениме доволно идентитетите и јазиците едни на други, а она што мислам е дека лекот е во повеќејазичноста, во наоѓањето заеднички елементи во културите, она што нè обединува и во добрите културни, медиумски, образовни политики кои не можат да бидат еднообразни и да се движат од земја до земја, туку е потребен и поширок регионален пристап.

По денешното отворањето на конференцијата во амфитеатарот на Универезитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид работните сесии ќе се одржуваат во просториите на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, и тоа во „Куќата на Робевци, Куќата на Христо Узунов и Куќата на Григор Прличев“.

На конференцијата ќе бидат презентирани 70-тина трудови од 90-тина учесници кои доаѓаат од 15 држави. Истата е во организација на Центарот за напредни истражувања, а во партнерство со Институт за филм- Филмска Академија – Охрид, „MIRAS“ – Социјалната Организација за Поддршка на проучувањето на културното Наследство од Баку, Азербејџан, како и Универзитетот Ајдин Аднан Мендерес од Турција.

Конференција е посветена на емитениот универзитетски професор и уметник, д-р Ахмет Ајтач од Измир, Турција кој како што посочуваат организаторите остава силен белег во академскиот и уметничкиот свет на Балканот, Анадолија, Кавказието и Средниот Исток, преку неговите научни и уметнички дела.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска