Српскиот интернационалец Игор Чагаљ е единствено засилување на охридскиот ракометен клуб ова лето. 26-годишниот Чагаљ кој игра на позицијата пивот со својата корпулетност (2 метри висок и 98 килограми тежок) ќе биде корисен за екипата во двата правци, одбрана и напад. Охридските редови ги засил од  тимот на Металопластика со кој играше регионалната СЕХА лига.

Фазата на запознавање помина и можам да заклучам дека првите импресии се одлични. Момците се перфектни, а екипата е маестрална. Како што ги запознавам луѓето во клубот и околу, така и шетам по градот кој ме импресионира. Очекувањата мои и од клубот се поклопија уште во преговорите и затоа сум тука. Очекувам успешна сезона, но прво да одработиме добри подготовки. – изјави Чагаљ.

Со доведувањето на Чагаљ, Охрид го комплетираше ростерот кој се однесува на пивотменската позиција. Тука со голем стаж е Иван Тасески и ракометарот од младинскиот погон, Кристијан Димитриески.

Подготовките на „гладијаторите“ ќе се одвиваат исклучиво во Охрид. Избраниците на тренерот Раде Стојановиќ ќе бидат дел од струшкиот ракометен турнир од 12 до 16 август, а дополнително контролни мечеви ќе одиграат со екипи од нашата земја.

OhridNews