Храмот посветен на Воведението на Пресвета Богородица во населбата Рача се украси со нова света икона на Светиот Епископ Гаврил Велички. Иконата е изработена со голема љубов и молитва од сестринството на манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“ во струмичкото село Вељуса, по истиот начин како што се изработувале иконите пред повеќе од десет векови, велат од храмот во Рача.

Со благослов на нашиот надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, иконата беше однесена во светата Лесновска обител, каде што беше осветена на чесните и чудотворни мошти на Светиот Гаврил Велички. Таму бевме пречекани со голема љубов и вистинско христијанско гостопримство од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, духовно чедо на нашата света епархија. По светата Литургија, благословот од Лесновската обител, преку иконата на Светиот Гаврил, беше испратен кон древниот Охрид – Светиклиментовата катедра.
Од оваа недела, велат, светата икона ќе се наоѓа во храмот во населбата Рача, каде што ќе биде духовна поткрепа за сите верни кои ќе ѝ пристапуваат со вера, барајќи утеха, исцеление и надеж.
Со особена благодарност и молитвено спомнување ги опфаќаме сите ктитори и дарители кои со љубов придонесоа за изработката на оваа света икона. Нема поубав начин човек да остави трага од своето земно живеење од тоа да направи добро дело за свое спасение и за слава Божја. Таквите дела се запишуваат на небесата, каде што Господ ги памети и стократно ги наградува сите кои Му служат, додаваат од храмот.
OhridNews















