Тивко и незабележително во Охрид за време на Илинденските празници се одржа 42 – та Илинденска едриличарска регата. Регатата која од година во година ја губи својата автентичност, оваа година потфрли и на организиациски план.


Организаторите едриличарските клубови Стрмец и Бофор не најдоа за потребно  да организираат прес конференција пред стартот на регатата, што во изминатите години беше пракса, па се одлучија со штуро соопштение да се обратат до медиумите за организацијата на настанот, кој патем речено е меѓународен.

Едриличарите го направија своето и во трите дена извозеа осум трки во седум класи. Години наназад времето во овај период на годината не оди во прилог на едриличарите и прашање на време е кога организаторите ќе размислат за промена на датумот на одржувањето на регатата.


Токму поради убавото време трките на последниот ден завршиле порано од предвиденото, па организаторот наместо во најавенето време , доделувањето на наградите го одржа три часа порано, без притоа да најдат за потреба да известат за промена на терминот.

Завршивме порано, па да не ги држиме натпреварувачите им ги доделивме медалите, сега нема никој тука сите се разотидоа, резултатите ќе ви ги пратиме на мајл – ни рекоа последните кои ги затекнавме во Центарот за Едрење, во времето претходно одредено за прогласување на најдобрите.


Што се однесува до натпреварувачкиот дел , во генерален пласман, првото место го освои Димитар Поп Стефанија од ЕК „Стрмец“ од Охрид, второто место го освои Милосављевиќ Михајло од ЕК „Радосављевиќ“ Ниш, додека трет беше Вељаноски Новица од ЕК „Стрмец“ од Охрид.

Во класата Оптимист до 12 години првото место го освои Вељаноски Новица, додека во истата класа од девојките најдобра беше Арнаудова Евелина од ЕК „Бофор“.

Во класата „Европа“ најдобра беше Ирена Грунче од ЕК „Бофор“, додека Фармакоски Александар беше најдобар во класата Ласер Стандард.

Стружанецот Ердал Љушо од ЕК Снегар беше најдобар во класата Ласер 4,7.

М.Постоловски