Македонската кошаркарска експедиција на подготовките во Охрид на располагање доби уште еден искусен интернационалец. Старо-ново лице во македонскиот табор е повратникот Владо Илиевски, кој по неколкугодишна пауза се врати во репрезентативното јато.


– Сакам да биде јасно дека не играв за Македонија поради операцијата и недоволното закрепнување, а не затоа што не сакав. Многу ми е жал, но едноставно тие работи се случуваат. Сега сум тука и мора да гледаме напред, да ги заборавиме сите несогласувања и да тргнеме напред. Се работи за Македонија, а не за Влатко Илиевски, ниту за Кошаркарската федерација за Македонија – рече Илиевски.

Задоволството од присутвото на Илиевски не го криеше ниту стручниот
штаб, а како што вели спортскиот директор на репрезентација Врбица
Стефанов ситуацијата со Илиевски се разви во очекуван правец.


– Ние како федерација имаме разбирање. Овој тим го карактеризира големо другарство, што е најпозитивната работа за оваа селекција. Ние сме среќни што Илиевски е тука, посакувам сите да бидеме здрави и да го повториме успехот, или да постигнеме многу повеќе од она што беше во Полска – рече Врбица Стефанов, спортскиот директор на репрезентацијата.

Илиевски смета дека адаптацијата ќе биде најмал проблем и дека оваа селекција може да биде хит на шампионатот во Литванија што ќе почне на 31 август.


– Сигурно дека оваа екипа има квалитет. Мислам дека се ќе биде во ред и ќе пробаме да изненадиме. Македонија не е кошаркарска велесила, но тоа што сме присутни на Европското првенство доволно зборува дека располагаме со квалитет. Тоа кажува дека Македонија секогаш давала и ќе дава кошаркарски таленти. Некои од нас ќе имаат позабележителни улоги, а на крајот мислам дека сите 12 играчи ќе бидат битни за некој поголем резултат. Секој мора да си ја заврши својата работа. Тимскиот дух и колективната игра ќе ни донесат резултат – напомена Илиевски.

“Фото Емилио“
М.П.