Националниот празник Илинден и оваа година достоинствено ќе биде одбележан од општина Охрид.

Во очи на празникот, на градскиот плоштад, во организација на Локалната самоуправа, ансамблот за народни игри „Филиграни“ ќе одржи концерт со почеток во 19:30 часот, а во селото Велгошти, во 20 часот, пред споменикот на Илинденските востаници ќе се одржи пригодна свеченост.

На 2- ри август во 11 часот, делегации на Локалната самоуправа, Советот на општината и Сојузот на борците на НОБ ќе положат цвеќе на спомен-бистите на загинатите борци во револуционерната борба за суверена и самостојна Република Македонија.
Пригодна свеченост по повод 2 август, Илинденското востание, со почеток во 10:30 часот, ќе се одржи и кај споменикот во месноста „Прентов мост“ кој е подигнат во чест на илинденските востаници од охридскиот крај, што ги положија животите во легендарната битка кај Рашанец.

Одборот за прослава при Месната заедница од село Плаќе, 2-ри Август ќе го одбележи со културно-забавна програма во селото со почеток во 10:30 часот, каде е предвиден и имповизиран напад на селото од комитите, се’ со цел оживување на минатото и олицетворување на вечната борба за слобода на македонскиот народ.

Свеченостите со кои Охрид ќе го одбележи годинешниот Илинден, ќе бидат збогатени и со спортски активности.
Во организација на Клубот на спортови на вода „Охридски бранови-2008“ од Охрид, а под покровителство на Советот на општина Охрид, на 2.Август во 16 часот, на патеката „Горица-Охрид“ во должина од 2,5 километри, ќе стартува традиционалниот 31-ви по ред „Илинденски пливачки маратон-Охрид 2010“. Учество ќе земат 50 пливачи од повеќе клубови од Република Македонија, а ќе учествуваат и пливачи од странство.

Ohridnews