На 2 август на плоштадот во Елшани ќе се одржи 11-тото издание на манифестацијата „Илинденска вечер во Елшани“. Настанот, кој во изминатата деценија прерасна во симбол на заедништво, традиција и празничен дух, и оваа година нуди програма што го спојува културното наследство со современиот музички израз.
Mанифестацијата има за цел да го позиционира Елшани на културната и туристичката мапа на Охрид и пошироко, претставувајќи го како современа, но автентична дестинација за одмор, блиска до градот, а богата со дух и традиција, велат организаторите.
Посочуваат дека со почеток од 21 часот посетителите ќе можат да уживаат во фолклорни изведби што ќе ги доловат корените на македонската народна песна и оро, особено од охридскиот регион, додека од 22 часот, атмосферата ќе ја оживеат популарните Туше и Татијана Стефаноска, кои ќе настапат со нивни авторски композиции и омилени македонски народни песни.
Инаку, името „Илинденска вечер“ не е случајно – настанот го спојува историскиот контекст на двата Илиндена (1903 и 1944), со духовната димензија на празникот посветен на Свети пророк Илија – заштитникот на селото.
Настанот е отворен за сите, млади и постари, локални жители и гости, љубители на културата, традицијата и добрата музика.
OhridNews