Во мојата татковина секогаш се враќам со радост. Ценетоста почнува од почитта кон тоа од каде потекнуваш. Со големо внимание ги запознавам сите мои колеги и пријатели од целиот свет за Македонија преку македонските композитори, кујна, традиција, танц и ритам, вели пијанистката Илинка Манова, која вчеравечер настапи во црквата „Света Софија“ заедно со американско-рускиот виолинист Игор Пикајзен во рамките на „Охридско лето“.

Фестивалската публика уживаше во прекрасната вечер што ја приредија двајцата извонредни музичари за што беа наградени со аплаузи.

Со Игор соработуваме од 2017 година. Имаме настапувано во Њујорк и во Женева заедно. Тој е брилијантен виолинист, за кого верувам дека допрва ќе се слушаат убави работи. Симболиката е уште поголема за него бидејќи неговиот дедо, легендарниот Виктор Пикајзен има настапувано на „Охридско лето“ во 1975 година. Јас и Игор внимателно ја избиравме програмата со која ќе настапиме. Издвоивме дела кои се неконвенционални, кои не се стого класични, ниту пак често се изведуваат. Идејата беше исто така да свириме и композитори кои творат во денешнинава, појаснува пијанистката Манова.

Според неа, Македонија има традиција и високи стандарди за изучување на класичната музика.

Колку мала земја сме, а имаме еден куп успешни луѓе кои работат и творат не само на овие простори, туку и во целиот свет. Како уметник кој веќе три децении живее надвор од Македонија сакам повеќе да си помагаме и да ги поддржиме младите музичари преку работилници, концерт, совет, време или внимание, додава Манова.

За тежината и одговорноста на еден уметник да настапи на врвните сцени вели дека треба многу труд, посветеност и ангажираност.

Работиме темелно на секое дело кое го изведуваме за да ги разбереме точно јазикот на композиторот и неговата идеја како таа музика преку нашите инструменти би звучела и би се пренела на публиката. Подготовките траат неколку месеци пред самиот настап, вели Манова.

Пијанистката Манова живее и работи во САД. Добитничка е на повеќе награди, а љубовта и страста кон музиката ги преточува во суштинско изучување на оваа уметност. Првите образовни стадиуми ги завршила во Скопје во класата на проф. Валентина Нолчева, а потоа продолжила да студира во Келн и во музичката школа „Менхетн“ во Њујорк. Добитничка е на полна стипендија за нејзините студии на САНИ, каде стекна титула магистер и уметничка диплома. Во моментов е запишана на докторски студии по музичка уметност на Универзитетот во Конектикат.

Како солист и камерен музичар има настапено во Париз, Рим, Бон, Келн, Женева, Белград, Љубљана, Скопје и во повеќе градови во источна Европа, и САД. Последниот настап на „Охридско лето“ го имаше во 2001.

ОhridNews