По поставување на новата камена ограда и уредување на дворното место во црквата „Света Софија“, од недамна е поставена и нова инсталација за илуминација на овој значаен верски културен објект. Илуминацијата на црквата ја направи Охридската локална самоуправа по претходно-изработен проект на Завод и музеј од Охрид.
-Општина Охрид во рамки на планираните активности за јавно осветлување има предвидено поставување на нови сијалични места и обновување на веќе постоечките со нови лед светилки на повеќе локации во градот, црквите и културните споменици. Во овие активности беше вклучена и црквата „Света Софија“, каде се постави ново осветлување, односно извршена е илиминација на објектот со лед светилки, информираат од Секторот за комунален развој, сообраќај и улици при општина Охрид.
Илуминацијата на црквата „Света Софија“ беше најавена како дел од Проектот за возобнување на оградата од црковниот двор, кој беше реализиран во текот на 2014 година. Обновувањето на оградниот ѕид се вршеше врз основа на проект кој го подготви охридскиот Завод и музеј, врз основа на фото-архивата на Историскиот архив, каде што постојат документи за изгледот на старата ограда на „Света Софија“, која била урната во првата половина од дваесеттиот век.
OhridNews
Фото:Емилио