Од година во година се зголемува бројот на невработени охриѓани кои имаат титула „Магистер на науки“. Според податоците на Агенцијата за вработување на Република Македонија, заклучно со 31 јануари 2014 година, на подрачјето на Охридскиот регион како активни баратели на работа се запишани вкупно 43 магистри. Статистичките показатели говорат дека оваа бројка пораснала за 28 лица, споредено со евиденцијата од пред пет години, кога со магистерски назив, во листата на невработени биле запишани околу 15 охриѓани.

Дел од невработените магистри со кои успеавме поразговараме на оваа тема, велат дека се разочарани со можностите за вработување во Охрид.

-Родителите во моето образование имаат вложено големи материјални средства, бидејќи студирав и магистрирав во Скопје. Но наместо сега да заработувам сама, веќе две години чекам вработување. Искрено повеќе и не се надевам дека во Охрид ќе можам да имам егзистенција за пристоен живот и затоа планирам да го напуштам градот и среќата да ја барам на друго место, вели една млада охриѓанка која има магистрирано на смер од Правните науки.

Освен магистрите, мака со пронаоѓање на работа имаат и 815 охриѓани со високо образование.

-Нашите факултетски дипломи не вредат ништо на моменталниот пазар на труд. Доколку во најскоро време не пристигне некоја странска инвестиција и не се отвори некој поголем капаците од приватен сектор, состојбата со иселувањето во Охрид ќе биде уште полоша, вели невработен охриѓанец кој има дипломирано на Факултетот за елекротехника и информациски технологии во Скопје.

Во евиденцијата на невработени во Охрид запишани се и 204  невработени лица  со виша школа и 1.159 лица со средна стручна спрема. Со незавршено средно образование работа бараат 933, а со основно образование 860 охриѓани.

Регистарот на Агенцијата за вработување, веќе неколку години последователно покажува дека повеќе од половина од евидентирните невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години. Од вкупно 4.014 лица невработени лица, заклучно со крајот на минатиот месец, дури 2.362 се постари од 40 години. На возраст од 30 до 40 години запишани се 698 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид работа бараат и 954 лица, помлади од 30 години.

Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со бројка од 2.199 невработени или 384 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 1.815 места.

Е.М