Помина долг временски период откако започнаа и прекинаа градежните работи за изградба на источната трансферзала, која се протега од бензинската пумпа „Билјанини извори“ до улицата „Баталјон Мирче Ацев“. Оваа обиколница иако неизградена, со одлука на Советот на општина Охрид од 2009-та година, го доби името „Јордан Мијалков“ по предлог на советничката група на ВМРО-Народна партија.
Цели пет години, источната трансферзала е претворена во депонија од градежен шут, а самото отпочнување на градежните работи беше пропратено со обвинување од политичките партии, околу надлежностите над сообраќајницата.
Минатиот состав на локалната самоуправа објасни дека намерата на општината, како и во случајот со булеварот “Железничка”, била конечно да се иницира и започне изградбата на трансферзалата. Од сегашната локална власт, истакнуваат дека источната трансферзала е магистрален пат, а нејзиното асфалтирање не е во надлежност на општина Охрид.
„Ваквиот проект е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Локалната самоуправа единствено ќе изврши промена на Деталниот урбанистички план во тој дел на градот. За начинот на кој ќе се изведува, времето и финансиската конструкција може да се обратите до Агенцијата за магистрални патишта.“ – велат од локалната самоуправа.
И покрај нашите обиди и упорно инсистирање, не успеавме да добиеме став од одговорните во „Македонија пат“, односно Агенцијата за магистрални патишта.
Сообраќајните инженери се едногласни дека секое ново поврзување на делови од градот, односно секоја нова улица, придонесува за поквалитетно живеење на самите граѓани.
„Кој би биле придобивките кои би ги добил градот со изградба на оваа трансферзала, со сигурност не можам да кажам затоа што пред се треба да се направи студија со што би се утврдиле предностите и недостатоците со факти (бројки од терен). Но мислам дека најверојатно малку ќе се растовари од сообраќај булеварот „Туристичка“ за време не летниот период, кога имаме голем интензитет на возила,. Но како и да е, оваа улица е веќе пробиена и мое лично мислење е дека треба да се заврши, односно да се асфалтира како што доликува за Охрид во 21-виот век.“ – вели Ѓоргија Паунковски, дипломиран сообраќаен инженер од Охрид.
Граѓаните со став дека оваа „магистрала“ ќе ја има истата судбина како и улицата „Железничка“ која повеќе години беше предмет на расправа помеѓу надлежните институции.
„Кога успеаа да ја направат улицата „Железничка“, ќе ја изградат и оваа. Само колку корист ќе имаме сите ние од неа, никој не знае. Ние сме еден парадоксален народ. Дадовме име на улица која не е изградена. Веќе ништо не ме чуди во земјава.“ – вели наш сограѓанин.
Инаку, градежните работи на источната трансферзала започнаа во септември 2008-ма година. Од тогашните локални власти, беше потенцирано дека со нејзината изградба во голема мера ќе дојде до растеретување на сообраќајот во Охрид, особено во летната сезона. Дали оваа „магистрала“ ќе ја снајде истата судбина како „Железничка“ која се градеше со години, останува да видиме во периодот кој претстои.
O.T.