Високи претставници на институции на централно и локално ниво и експерти зедоа учество на Панел дискусијата на тема „Предизвиците и современите трендови во планинското спасување во Европа“ што се одржа денеска во Охрид во организација на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

На настанот беа презентирани современите европски достигнувања на полето на алтернативниот туризам во насока на решавање на проблемот од недостиг на ефикасен систем за планинско спасување во РС Македонија и соседна Албанија.

Со целокупната расположлива опрема, капацитет и стручен кадар, Центарот за спасување на планина во Охрид, значително придонесе за подобрување на ефикасноста на Службата за спасување на планина и го подигна нивото на безбедност на планинарите во нашиот регион. Верувам дека и овој нов проект кој има за цел да обезбеди безбеден зимски авантуристички туризам ќе биде успешно имплементиран и ќе ја добие потребната одржливост, истакна во обраќањето на настанот градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Пецаков изрази надеж дека заедно со останатите општини од Југозападниот регион и партнери од соседна Албанија и во иднина ќе се работи на проекти, преку кои ќе се креираат мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ, но и во делот на подобрување на инфраструктурата, која исто така е многу важен сегмент за развој на туризмот.

На панелот свое обраќање имаа и Министерката за одбрана, Славјанка Петровска и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Раководителот на HGSS (Hrvatska Gorska Služba Spašavanja) Јосип Граниќ, го презентира хрватскиот модел за организација на Службата, една од најдобро организираните служби во Европа, како и важноста од строгото придржување кон препораките на ICAR (International Commission for Alpine Rescue) со цел ефикасно делување на службата.

Настанот е дел од проектот “Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам”, финансиран од ЕУ, ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија и Министерството за Локална самоуправа на РСМ. Домаќини на истиот беа Планинската Спасителна Служба при Црвен крст- Охрид, Алпинистички клуб “Патагонија” и Националниот Сојуз за планинско спасување.

OhridNews