Македонско-француското дуо „СолиПс“ вчеравечер приреди вистинско уживање со концертот за флејта и гитара што го одржа во црквата „Света Софија“ како дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.
Реномираните уметници, флејтистката Елена Стојческа и гитаристот Роман Петио, го започнаа својот настап со Големото концертантно дуо оп.52 за да потоа да го претстават Прелудиумот за попладнето на еден фаун од Клод Дебиси и да го заокружат првиот дел од концертот со Приказната за тангото на Астор Пјацола. Вториот дел беше посветен на композиторот Рави Шанкар преку изведувањето на неговата Магична зора на рага Тоди, на Равеловата Пиеса во форма на хабанера, а музичкото доживување заврши со Четири македонски песни за алт, флејта и гитара од композиторот Мирослав Тадиќ.
Флејтистката Стојческа доаѓа на „Охридско лето“ по една деценија, и како што рече, посебно е чувството при секој нејзин настап на фестивалскиот подиум.
Пред десет години свирев на „Охридско лето“, а претходно на фестивалот бев во 2002 година. Секое настапување овде предизвикува прекрасни чувства. Посебно е чувството кај мене, секогаш кога се враќам и свирам во Македонија, во овој магичен амбиен во црквата „Света Софија“. Комбинацијата е оригинална, а самиот репертоар, дел е оригинален, дел се транскрипции. Го адаптираме, но звуците добро се вклопуваат, изјави Стојческа.

Прекрасна е црквата каде што настапуваме и градот воопшто.Големо е задоволството за нас како уметници да се настапи на „Охридско лето“ бидејќи најголем дел од фестивалите се откажани поради коронакризата во светот. Среќен сум што не се откажа и овој фестивал. Навистина извонреден е целиот труд што е вложен за да се реализира годинешната фестивалска програма, рече гитаристот Петио.

Во своите домашни колекции, флејтистката Елена Стојческа и гитаристот Роман Петио имаат бројни награди за нивните музички настапи.
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на познатата руска пијанистка Наталија Трул што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.
На репертоарот се дела од Бетовен, Шопен и Дебиси.
OhridNews

















