Директорот на истражниот затвор „Скопје“, Ѓоко Котески, веќе ја доставил до Владата оставката и извештајот во врска со инцидентите во кои беа нападнати притворените поранешни министри, Спире Ристовски и Миле Јанакиески.

Дека извештајот е доставен до Управата за извршување санкции, потврди синоќа за Телма директорот на управата, Јовица Стојановиќ. Утврдени се серија на пропусти, а досега се покренати десциплински постапки за 11 лица. Како резултат на пропустите бил овозможен првиот вербален и физички инцидент, а подоцна не бил спречен вториот вербален и физички инцидент, иако постоеле можности за превенција.

Заменик- народниот правобранител, Васка Бајрамовска изјави дека кај некои од учесниците во инцидентот биле пронајдени не само мобилни телефони, кои не се дозволени, туку и марихуана. Таа ги гледала и снимките од двата инцидента кои биле со многу лош квалитет. Најкритично е што дел од камерите во затворот во Шутка не ни работат, информира телевизија Телма.