Членови на Комитетот за односи меѓу заедниците при Собранието на Република Северна Македонија денеска престојуваа во работна посета на Општина Охрид, каде имаа средба со градоначалникот, Кирил Пецаков и претседателот на Советот на Општината, Сашо Донев.
Тука сме за да разговараме со претставниците на Општина Охрид околу можната инцијатива за формирање комисија за односи меѓу заедниците, се разбира врз добра волја оттаму што тоа не е законска обврска на општина Охрид, рече Арбана Пашоли, претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието на РСМ.
На средбата членовите на Комитетот се запознаа со начинот на кој општината се справува со предизвиците во соживотот меѓу различните заедници што ги има во Охрид.
Оваа активност, како што истакна Пашоли, е во склоп на Агендата на заеднички активности со инетрпартиската парламентарна група за поддршка на Ромите и нивна инклузија во државава и ова е дел од активностите кои ги започнале во општините Струга и Дебар, па изразиле желба да ја вклучат и Општина Охрид како дел од југозападниот регион.
Направиме една програма по која се раководиме, каде можеме да им помогнеме на Комисиите, да споделуваме информации како тие можат да ја започнат нивната работа, бидејќи во општините каде што ги посетивме видовме дека не се функционални иако постојат и најчесто вината ја ставаат на немање средства или пак дека се сметаат како недоволно важни. Ние како Комитет сме ставиле приоритет дека односите меѓу заедниците за нашата земја се еден од најважните прироритети од кои зависи не само стабилноста туку и блискоста во регионот. Сакаме да дадеме до значење дека за односите меѓу заедниците може да се зборува и кога нема тензии и конфликти, туку во една позитивна конотација давајќи позитивни примери, потенцираше Пашоли.
Додаде дека една од причините што се во Охрид е и фактот дека нивните колеги од опозицијата биле многу конструктивни во Комитетот и без нивна поддршка немало многу работи да се одвиваат така како што се одвиваат, односно во однос на оваа тема се ставаат над политичките интереси.
Градоначалникот Пецаков во своето излагање пред присутните потенцираше дека Општина Охрид отсекогаш била пример за соживот и преку конкретни мерки и активности продолжува да го одржува тој континиутет.
Потенцираше дека иако не се работи за законска обврска, сериозно ќе биде рагледана можноста да се формира локална Комисија за односи со заедниците, која ќе ги застапува интертесите на сите малцински заедници кои живеат на територијата на Општина Охрид.
Пратениците се заблагодарија на градоначалникот за приемот и позитивниот став кон активностите и предлозите на Комитетот, со надеж дека денешниот состанок ќе биде една иницијатива, која ќе резултира со формирање на официјално работно тело на локално ниво, во насока на обезбедување на поголема мултиетничка соработка и интеграција.
Н.С.Ј.