Стопанската комора на Македонија до Министерството за економија, поднесе Иницијатива за изменување на Законот за трговија со која се предлага укинување на обврската за поседување лиценца за продажба на алкохолни пијалаци (која е со важност од 2 години и можност за продолжување со високи износи на надоместоци за лиценците, особено за големите трговци) и отстранување на ограничувањето во однос на работното време во кое може да се врши продажба на алкохолни пијалаци по 19, односно 21 часот  до 6 часот.

Како што потенцираат од Стопанската комора, иницијативата произлегува од барањата на компаниите-членки на Здужението на трговијата и Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија.

– Во изминатите 9 години од примената на овие ригорзони ограничувања во трговијата, Комората континуирано укажувааше дека, со нивната примена се нанесува голема финансиска штета на трговците на големи и мало, како и на компаниите од домашната индустрија за прозводство на ваков вид пијалаци, што негативно се одразува на нивниот развој и предизвика намалување на бројот на работни места, велат од Стопанската комора.

Комората бара и укинување на давачката од 0,05 отсто за продолжување на лиценцата за продажба на алкохол кај трговците со над три продажни објекти, поради тоа што се однесува на вкупниот промет, а не само на прометот на алкохолните пијалаци.

Од комората потенцираат и дека ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа директно го стимулирало производството и трговијата со алкохолни пијалаци „на црно“, за кои не се плаќаат акцизи и даноци и кои се широко достапни за целокупното население, вклучувајќи ги и најмладите.

– Еден од главните аргументи за воведување на овие рестрикции во продажбата на алкохолните пијалаци беше да се намали консумацијата на алкохол во земјата, особено кај младите. Но, напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен во 2016-та година, се констатира: „Консумацијата на алкохол денес не е само појава кај возрасните лица, туку и кај младите луѓе чиј број од ден на ден станува се поголем“, велат од комората.

Република Македонија има мала потрошувачка по глава на жител во Европа од околу 10 литри вино и под 30 литри пиво. Според податоците од Светската здравствена организација, од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци, во Република Македонија најмногу се консумира пиво (47,4% од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци), потоа вино (39,9%), а на останатите пијалаци отпаѓа 12,6% од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци.

Многу од европските држави воопшто не предвидуваат обврска за поседување на посебни лиценци за продажба на алкохолни пијалаци. Исто така, не се предвидуваат било какви ограничувања во однос на работните часови за продажба на алкохолни пијалаци (вклучувајќи ги помеѓу другите Белгија, Франција, Германија, Холандија, Шпанија, Хрватска, Грција, Чешка, Словачка).

OhridNews