На идејата за изградба на регионална депонија во општина Дебрца (Арбиново), промовирана од градоначалниците од Југозападниот плански регион на последниот состанок одржан во Струга, на кој присуствуваше и министерот за животна средина Неџати Јакупи, со реакција се јави група видни интелектуалци со потекло од овој крај, која упати јавен апел, во кој стои:

Идејата за изградба на регионална депонија во славна, историска Дебрца, во атарот на село Арбиново, за потребите на општините Охрид, Струга, Дебар и уште десетина други од Западна Македонија, ја примивме со индигнација. Не ни се познати аргументите во врска со една таква несреќна замисла, ниту мотивите и побудите на одговорните фактори на локалната и на државната власт, решението за регионална депонија да го бараат токму во Дебрца, бидејќи постапката до овој степен е водена нетранспарентно, во затворени кругови. Но, остануваме длабоко убедени дека реализација на еден таков проект токму во срцето на Дебрца, не може да се оправда со ниту еден сериозен факт, најмалку со игнорирање на нејзините жители.

Чувствуваме морална, историска и егзистенцијална обврска јавно да укажеме на штетните последици коишто ќе настанат со евентуалната изградба на депонијата, не само за населението од Дебрца, туку и за Охридско-струшкиот регион.
Во првред цениме дека лоцирањето на таков објект непосредно до реката Сатеска која се влива во Охридското Езеро, кое што е под заштита на УНЕСКО, како и до главната магистрала којашто ги поврзува Охрид и Струга со Скопје, регионот и светот, е спротивно на европските еколошки стандарди. Треба да се има предвид дека токму тука минува и трасата на меѓународниот пат од Коридорот 8 (Исток – Запад).

Дебрца е главна порта за влез во Охрид и во Струга. Таа е речиси единствениот еколошки чист регион кој гравитира кон Охрид. Незамисливо е во Охрид да се влегува преку депонија!

Дебрца е македонско светилиште. Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И пред Илинден, во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и во текот на Народната револуција. Дебрца беше првата слободна територија во 1943 година, со востановени први органи на народната власт и е одржан првиот свештено-народен собор за востановување на Македонската православна црква. Со училишта на мајчин македонски јазик. Се претвори во величествен споменик на слободата, а за жал, остана лишена од посериозна грижа на државата за нејзиниот опстанок. Сигурно не случајно при последната територијална поделба, Дебрца остана да егзистира како посебна општина.

Со судбината на Дебрца повеќе не смее да се експериментира. Историјата жестоко обврзува. Обврзува и иднината. Со еден таков чин беспоговорно се сквернави македонското битисување. Опстојбата на македонската држава.
Доколку постои подготвеност и волја, доколку постои визија, во Дебрца можат да се изградат други капацитети, кои со ништо нема да ја нарушат чистотата на регионот.

Изразуваме надеж дека ќе превлада разумот и дека ќе биде апсолутно почитуван интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија, нејзината епска иднина.

Во овие сериозни времиња исполнети со предизвици, Дебрца не може да биде полигон за експериментирање. Таа не смее да се сквернави. Зашто, спротивно, никогаш нема да ни простат и природата, и историјата и поколенијата.
Потписници:

1. Трајан Петровски, амбасадор и писател
2. Цветан Грозданов, академик
3. Бранко Цветкоски, писател
4. Паско Кузман, археолог и писател
5. Симон Трпчевски, пијанист
6. Љупчо Јакимовски, новинар
7. д-р Марко Китевски, книжевен научник
8. Елена Ристеска, музички уметник
9. д-р Злате Колоски, универз. професор
10. д-р Мито Спасески, универз. професор
11. Ѓорѓија Попоски, пензионер
12. д-р Димитрија Ристески, универз. професор
13. м-р Валентина Божиновска, актерка и универз. наставник
14. Славе Ѓорѓо Димоски, писател
15. Живко Георгиевски, новинар
16. Тоде Илиевски, писател
17. Смиле Наумовски – Брсјак, писател
18. Благоја Силјановски, поранашен градоначалник на Охрид
19. д-р Стојан Ристески, универз. професор во пензија
20. Ивана Георгиевска, новинар
21. Гоце Ристевски, новинар
22.м-р Светозар Ристески, политиколог

Ohridnews