Да се изготви нов правилник за начинот и критериумите за доделување на општинските признанија, награди и повелби, е предлогот кој до советот на општина Охрид, денес го упати советникот и претседател на Комисијата  за одбележување празници и манифестации, Дејан Паноски.

Правилник по кој ние ќе можеме квалитетно да се однесуваме при доделувањето на наградите во наредниот период. Тоа пред се, ќе придонесе да се зачува дигнитетот на Охрид и охриѓани и оние кои се добитници на наградите и да се сочува реномето на Свети Климентовата награда и повелба и врз основ на тие јасни темели во иднина да можеме да се гордееме со се она што ќе го имаме како квалитет на сработеното во интерес на Охрид и за негова промоција, вели Паноски.

Тој додава дека досегашните критериуми не биле соодветни за да можат да обезбедат квалитетно согледување на состојбите.

Пред се имаше еден дел кој се однесуваше на самопријавување, кој што предизвика одредени заслужни граѓани или здруженија да не поднесат апликација и ние да не можеме оние кои се далеку позаслужни за промоција на Охрид, соодветно да ги наградиме. Треба сосема поинаков модел, имаме шест месеци да го изградиме и врз основ на тоа многу поправедно да се однесуваме кон сите оние кои го задолжиле Охрид во позитивна смисла, нагласува Паноски.

И експертската јавност со мислење дека треба да се извршат одредени измени во однос на начинот и критериумите при доделувањето на највисоките општински признанија.

Можеби тоа треба да биде на отворен конкурс, да се даде една поголема транспарентност на учесниците на тој конкурс, а претходно да се изготват минимум критериуми за иднина. Јас лично, Универзитетот „ Св. Климент Охридски“ и  ФТУ Охрид иницираме низа активности со кои догодина треба достоинствено да ја прославиме 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски. На наша иницијатива се формира програмски одбор на ниво на државата каде нашиот универзитет и нашиот факултет ќе имаат една од клучните улоги. Ние планираме 2016 да биде година на Св. Климент, односно сите манифестации да бидат во чест на нашиот патрон Св. Климент Охридски, вели Ректорот на Универзитетот „ Св. Климент Охридски“- Битола, професор д- р Сашо Коруноски.

Како што е познато, Комисијата за одбележување празници и манифестации одлучи годинава да не се додели Повелбата „Патрон на Охрид Свети Климент Охридски“. Од страна на комисијата беше наведено дека годинава на објавениот конкурс пристигнале само 3 апликации, што не е добар сигнал и што изразува демотивираност за општинските највисоки признанија.

OhridNews