Во Поградец, Албанија, изминатите два дсена се одржа работна средба за подготовка на актот за номинацијата на Охрид и Преспа за Прекуграничен Биосферен резерват во рамките на УНЕСКО.
Активноста за прогласување на прекуграничен Биосферен резерват Охрид Преспа започна минатата година со потпишување на заедничка декларација на градоначалниците на општините кои се наоѓаат во рамките на предвидениот Биосферен резерват и со потпишувањето на заедничка декларација од страна на Министрите за животна средина на Македонија и Албанија.
Имплементатори на оваа активност се преставници на КФВ од Германија, преставници на УНЕСКО како и Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридското Езеро.
„Воспоставувањето на прекуграничен Биосферен резерват Охрид Преспа има за цел заокружување на сите иницијативи и мерки за заштита и одржливост кои се спроведуваат во регионот и обединување на истиот за развој и туристичка промоција. Воспоставувањето на резерватот не значи рестрикции туку значи точно зонирање на регионот заради остварување на балансот помеѓу заштитата и развојот. Насекаде низ светот Биосферните резервати се значајни туристички дестинации и тоа сакаме да го направиме и кај нас “ – изјави Дејан Пановски, македонскиот претставник во Билатералниот секретаријат.
Според планот предвидено е номинацијата да биде подготвена до септември 2013 година на што ќе претходат низа на консултативни средби со Националната комисија на УНЕСКО, со комитетот човек и биосфера и со надлежните министерства и локални самоуправи најмногу околу прецизното зонирање на заштитените подрачја и развојните зони. Врз основа на номинацијата УНЕСКО треба да донесе акт за прогласување на прекуграничниот Биосферен резерват Охрид – Преспа.