Центарот за јавно здравје Охрид подготвува иницијатива која се однесува на стопанисувањето со селските водоводи. Потребата за ваква иницијатива произлегува од фактот што години наназад голем број села се уште немаат дезинфекционо средство, односно водата која се користи за пиење од селските водоводи не е безбедна.

– Тоа мора да се надмине. 21 век сме, апсурдно е да зборуваме за вода која ја има во изобилие, а не може да се дистрибуира како чиста и безбедна за пиење. Очекуваме иницијативата да биде прифатена. Предвидени се разговори и со инспекциските служби, претставници од локалните самоуправи, градоначалници, за да се најде начин да се реши овој проблем и надмине и граѓаните да се сигурни за водата што ја пијат, објаснуваат од Центарот за јавно здравје.

Основниот проблем е што месните заедници во селата не располагаат со средства, немаат жиро сметка, ниту можност да наплаќаат за услуга за испорака на вода за пиење и опслужување со водоводот. Со тоа немаат средства да набават хлор за пречистување на водата. Иницијативата се однесува на решавање на овие проблеми.

Иницијативата на Центарот за јавно здравје ќе биде доставена до локалните самоуправи на Охрид, Дебар, Дебрца, Струга, Вевчани и Центар Жупа.