Иницијативата на невладината ХЕРА за воведување наставен предмет во училиштата „Сексуално образование“ е неприфатлива, изјави денеска во Охрид Министерот за обрзование Спиро Ристовски.
-Денеска бевме информирани за иницијативата на ХЕРА за воведување на посебен предмет “Сексуално образование“, но не било кој учебник, туку токму нивниот кој што тие го имаат изработено како сопствен проект. Ви сакал да изјавам дека ниту една иницијатива нема да не примора да прифатиме било каков учебник да биде применуван во образовниот систем во РМ. Соодветниот прирачник кој што тие го промовираат има негативно мислење од Бирото за образование, што за нас е доволен показател дека не ги исполнува доволно условите за да биде дел од образовниот систем.-изјави министерот Ристовски.
Тој посочи дека во рамки на образовниот ситем во Македонија во склоп на предметот за животни вештини изработен е посебен прирачник со помош и поддршка на УНИЦЕФ, во кој учениците се информираат за повеќе животни вештини, состојби и очекувања во нивниот раст и развој, во кој има и еден дел кој е поврзан со сексуалното образование.
-Според нас и според УНИЦЕФ тоа е доволно. За разлика од тоа ниту една иницијатива или желба за добивање дополнителни фондови или средства нема да не мотивира или примора нас да прифаќаме било чија иницијатива, посебно не учебници или прирачници во кои што се поистоветуваат мажот и жената, двајца мажи, истополовите релации… тоа за нас апсолутно е неприфатливо и во тој дел како Влада имаме јасно дефиниран став и сметаме дека во делот на животни вештини е сосема доволно опфатена едукацијата на младите во однос на сексуалната ориентација. Во предложениот прирачник има еден куп експлицитни термини и тотално е несоодветен за возраста и за самите ученици.-подвлече Ристовски.
Г.М.