Подносителот на иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за помилување, охридскиот адвокат Ристо Китески, смета дека одлуката на Уставниот суд е демократска и правно издржана, но му пречи политизацијата на случајот.
„Штом сум ја поднел сметам дека е основана иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за помилување. Ми смета што иницијативата доби политичка конотација, но јас немав таква намера со нејзиното поднесување и не очекував дека ќе се случат вакви работи. Сметам дека оваа одлука е демократска, а крајно од правна гледна точка таа ќе овозможи секој сторител на кривично дело од областа на делата кои се опфатени со иницијативата да ги ужива со Устав загарантираните права. И претходно и сега кажувам дека оваа иницијатива не е поврзана со актуелниот политички момент и отворањето на случајот Титаник од страна на СЈО во кој поранешни високи функционери се сомничат за изборни измами, како и дека тоа што делам иста канцеларија со правниот застапник на осомничени во овој процес е случајност.“ – изјави за OhridNews адвокатот Китески.
Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови донесе одлука за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Со одлуката покрај осудени за дела поврзани со изборни нерегуларности, опфатени се и лица осудени за педофилија, за неовластено пуштање во промет и употреба на наркотични средства, како и за ускратување на правото на претседатлот да не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во државата, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд.
Одлуката на Уставниот суд мина со протести организирани од граѓанското движење „Ајде“ кои ги поддржа опозцијата, по што уследија контрапротести поддржани од симпатизери на власта.
Г.М.