Инклузивната игротеката „Радост“ која во 2022 година беше отворена во просториите на поранешната Касарна од страна на Здружението за воспитно образовна психо-социјална поддршка (В.О.П.С)-Охрид со поддршка на Општина Охрид, прерасна во Центар за дневен престој на лица со попреченост и индивидуални третмани.

Во Центарот, вели Весна Габелоска од Здружението В.О.П.С, децата ќе може да најдат место каде што ќе бидат згрижени на соодветен начин, а семејствата поддршка во грижата и извршувањето на секојдневните обврски.

Престојот во Дневниот центар е значаен за социјализацијата на децата и повозрасните лица, за одржување на нивната општа здравствена состојба, нивниот напредок. Со нив ќе работи стручен тим, а родителите ќе можат 8 часа во денот да работат, да остваруваат и други активности. Детето ќе биде на место каде ќе биде среќно и ќе бидат задоволени неговите потреби. За малите деца престојот ќе има уште поголемо значење со оглед на социјализацијата уште од мали нозе, што ќе придонесе за полесно вклучување во училиштата, олеснување на целиот процес на инклузија, посочува Габелоска.

Дневниот центар, вели, ќе опфаќа лица со пореченост од 3 до 18 годишна возраст, како една група, и втората група ќе се лица над 18 години, а за престој во истиот потребно е да биде обезбедена соодветна документација.

Преку МКФ Комисијата за функционална проценка лицата до 26 години добиваат препорака, а другите лица над 26 години решенијата треба да ги добијат преку Центарот за социјална работа. Всушност и сите треба да добијат решенија од Центарот за социјална работа врз основа на препораката на МКФ Комисијата за функционална проценка за да можат да го посетуваат Дневниот центар. За да се посетува истиот родителите претходно треба да го однесат детето на Комисијата за функционална проценка која се наоѓа во зградата на Црвен крст. Тие препорачуваат користење на Дневен центар и идивидуални третмани и врз основа на таа препорака Центарот за социјални работи издава решение. Со тоа решение тие доаѓаат кај нас и можат да ја користат услугата. Според Правилникот од Министерството за труд и социјална политика со кој на одредена квадратура може да се примат одреден број деца, во нашиот Центар ќе имаме можност да примиме 24 деца за услугата дневен престој и уште 20 деца за услугата индивидуални третмани, истакнува.

Додава дека согласно Правилникот за Дневни центри, исто така, потребно е на секои 6 деца да има едно стручно лице и еден неговател.

Во нашиот Центар за 24 деца имаме 4 стручни лица 4 негователи и уште по две стручни лица кои ќе работат индивидуални третмани како дефектолог, логопед, психолог и социјален работник. Исто така во добиеното решение од Министерството за труд и социјална политика, на наше барање, наведено е дека ни е одобрено и физиотарапевт по потреба. Уште пред да почнеме да функционираме како Дневен центар, имавме дефектолог кој работеше со децата, тоа беше како дополнителна услуга која ја нудевме покрај игротеката и дечињата кои сега се во игротеката ќе преминат во Дневниот центар. Секако дека ќе примиме и други деца и лица со попреченост согласно обезбедената потребна документација од страна на семејствата.

Габелоска ја потенцира соработката која ја имаат со Општина Охрид која го обезбеди просторот и ги покрива режиските трошоци.

Со одлука на Советот на Општина Охрид ни беше доделено и комбе со рампа кое што ќе може да ги превезува децата од домовите до Дневниот центар и назад во домовите, што е дополнително олесување за родителите. Со општината имаме одлична соработка затоа што и отворањето на Дневниот центар беше од големо значење за Охрид. Опремувањето на истиот е реализирано преку грант од Светска банка, а продолжуваме со работа во соработка со Министерството за труд и социјална политика, додава Габелоска.

Изразува надеж дека Дневниот центар ќе придонесе за унапредување на квалитетот на живот на децата и лицата со со попреченост.

Н.С.Ј.