Во рамки на Меѓународната недела на глувите лица НУ Библиотека „Григор Прличев” – Охрид успешно го реализираше проектот „Книгата зборува со сите – инклузивни читања со глуви и наглуви лица”, поддржан од Министерството за култура и туризам.

Проектот е посветен на создавање инклузивен библиотечен простор во кој книгата, читањето и културата се достапни за сите, без оглед на различностите, пречките или ограничувањата. Целта на проектот беше да овозможи непосредно запознавање на глувите и наглувите лица со библиотеката, книжевното творештво и можностите што ги нуди библиотечната средина, но и да поттикне дружење, комуникација и активно учество, посочуваат од Библиотеката.

Проектот, велат, бил реализиран во соработка со Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид, а средбата беше посветена на творештвото на еден од најзначајните македонски поети и писатели – Кочо Рацин.

Посебен придонес во реализацијата, потенцираат, имала Славица Стефаноска, секретар на Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид, која читањата и содржините ги толкуваше на македонски знаковен јазик, овозможувајќи рамноправно учество и целосно вклучување на членовите на Здружението.

Во читањето учествувале и Елена Станкоска, вработена во библиотеката, Дени Хамилтон, волонтерка на Мировниот корпус на САД во Охрид и Даниела Илијоска, охридска роднокрајна писателка, која пред членовите на Здружението прочитала извадок од својата книга „Фениксов допир”.

Токму средбата со авторката предизвика особено внимание и интерес. Членовите на Здружението имаа ретка можност не само да се запознаат со творештвото на роднокраен писател, туку и непосредно да разговараат, поставуваат прашања и да остварат интеракција со самата авторка. Радоста, љубопитноста и бројните прашања на учесниците уште еднаш покажаа дека кога ќе се создаде простор за учество – книгата навистина зборува со сите.

Во рамки на средбата, членовите на Здружението се запознале и со работата на НУ Библиотека „Григор Прличев”, секојдневните библиотечни процеси, можностите за користење на библиотечниот фонд и меѓубиблиотечната позајмица, како и можноста за нивно поголемо и поактивно вклучување во библиотеката.

По повод на Меѓународната недела на глувите лица, во библиотеката е поставена и тематска изложба, на која се претставени внимателно одбрани монографски и периодични изданија, посветени на животот, образованието, културата и правата на глувите и наглувите лица.

Во рамки на понатамошната соработка планирано е потпишување Меморандум за соработка меѓу НУ Библиотека „Григор Прличев” и Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид, со што дополнително ќе се продлабочи партнерството и ќе се создадат нови можности за културно, образовно и општествено вклучување.

На следната средба, членовите на Здружението ќе имаат можност самите да бидам автори – да напишат кратка песна, текст или личен осврт и да го претстават преку знаковен јазик. Потоа, учесниците во проектот ќе бидат гости во просториите на Здружението, со што соработката ќе продолжи да се гради.

Носител на проектот е д-р Елена Станкоска, виш библиотекар, а соработници се Владимир Куциноски и Даниела Ристеска.

OhridNews