При вонреден надзор на градежните инспектори од Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид, кој бил извршен на 19 мај во авто кампот Градиште, утврдени се бројни законски прекршувања, информира локалната самоуправа.
Извршен е комплетен надзор на 15 автокамп приколки, при што се затекнати бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи. Затекнати се недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти. На одредени локации се затекнати и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија. Изготвен е записник и фотодокументација за надзорот, при што е констатирано дека субјектот кој стопанисува со автокампот „Градиште“ не поседува одобрение за поставување на времени објекти, решение за изведба на платформи изведени од дрвена и метална конструкција и решение за изведба настрешници кои се поставени над автокамп приколките. – соопшти Општината.

Врз основа на тоа, Одделението за инспекциски надзор донесе Решение за отстранување на времените објекти, платформите, настрешниците, армиранобетонските плочи, плочите од бекатон плочки, според член 134 и член 135 став(1) алинеа 3 од Законот за градење Сл.Весник на РСМ( од бр.130/09 до 279/20). – се вели во соопштението.

OhridNews












