Проблемот на излевање на отпадни води во Охридското Езеро, во голем процент атмосферски води, не е последица на неработењето на колекторскиот систем. Во езерото нема излевање на фекалии. Ова е заклучок по извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина на работата на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, наравен денеска по претходна претставка од страна на политичката партија „Левица“, информира ЈП „Колекторски систем“.

На препумпната станица Подмоље не се чувствуваше миризба на фекалија и беше евидентно големо количество на атмосферски води. Од системски поставениот прелив на базенот истекуваше одредено количество на вода од кое дел се влеваше во водите на Охридското езеро. На препумпната станица во населба Даљан исто така немаше мирис на фекалија и немаше излевање на води од преливот на базенот. Кај игралиштето во оваа населба беа евидентирани излевања на атмосферски води преку преливните цевки кои се влеваа во водите на езерото и при тоа не беше евидентирана миризба и присуство на фекалија. Во Орце Николов беше евидентирано ниско ниво во собирниот базен и немаше мирис на фекалија. – вели Владимир Алексијоски, в.д. директор на ЈП „Колекторски систем“.

Посочува оти фактот што нема излевање на фекалии во Езерото,  треба да радува, но претстои уште многу работа за ревитализација на колекторскиот систем и заштитата на езерото. Смета дека јавноста се манипулира со тенденциозни информации кои не соодветствуваат со реалната состојба на терен.

Никако не можеме да дозволиме со децениските проблеми кои отпочнавме да ги решаваме и продолжуваме и понатаму, поедини лица и институции сакајќи да добијат некои ситни поени да не омаловажуваат и окривуваат. Секојдневното излегување со извитоперени изјави и коментари не помага во решението на проблемите. Секојдневните барања на информации од јавен карактер воопшто нема да не попречат да продолжиме со искрен и отворен однос кон сите. Ние сме тука и ние сме тие кои заеднички сакаме да работиме и да изнаоѓаме решенија за секој еден проблем. – рече Алексијоски.

OhridNews