Труењето нема да го реши проблемот со бездомните кучиња сметаат стручњаците кои го осудуваат нехуманиот третман на животните. Наместо тоа се предлага план за решавање на проблемот со бездомните кучиња, но и спречување на нападите врз луѓе, кои зачестија во последно време кај нас. За таа цел професионалниот дресер Ефто Стојаноски изготви предлог програма за превенција, која ја доставил до Владата. 

-Во секоја општина да има овластено стручно лице – инспектор кој ќе работи на терен и ќе знае како да постапи во случај на пријавување на опасно куче на одредена локација, кое понатаму ќе го залови шинтерска служба која мора да постои, а не како сега граѓаните да пријавуваат дека има агресивно куче на нивната улица во полиција. Што може полицијата да направи, ништо! – дециден е Стојаноски.

Стојаноски предупредува дека низ улиците шетаат многу агресивни кучиња, но многу поопасни се милиниците кои се чуваат несоодветно. 

-Се чуваат многу опасни кучиња во дворовите несоодветно заштитани од раси кои напаѓаат бебиња и деца до 4 годишна возраст. Доколку тоа куче се ослободи од ланецот, а може многу лесно, и излезе на улица, првото дете кое ќе го види ќе го убие. – предупредува Стојаноски. 

Тој предлага секоја општина задолжително да изгради мини стационар каде ќе се згрижуваат и соодветно третираат агресивните кучиња од улиците, кои ќе работат под надзор на стручни лица кои ќе вршат проценка дали истите можат да бидат вдомени, бидејќи може, или треба да се успијат. 

На повеќе локации во Охрид деновиве расфрлан е отров од кој угинаа голем број бездомни животни, но и миленици. Вознемирувачките фотографии ги запалија социјалните мрежи. Реагираа и активистите за заштита на животни, кои предупредуваат дека отровот претставува закана и за луѓето. 

-Врне и отровот може лесно да го однесеме во домовите, а може и да се разлее во езерото или околината и да ја загрози флората и фауната. –  вели Климет Арнаудов, активист за заштита на животните.

Случајот е пријавен и евидентиран од надлежен ветеринарен инспектор, а поднесена е и пријава против непознат сторител. Според активистите, труењето нема да го реши проблемот со бездомните животни.

-Потребно е системско решение, поголема контрола и почитување на законот. Треба да се применува методата залови, стерилизирај, вдоми или врати на улица. Исто така треба да се чипуваат уличните кучиња, но и домашните миленици и да се направи еден регистар со што ќе имаме точни податоци за бројот на кучиња и во која област се наоѓаат тие. – додава Арнаудов.

Активистите за заштита на животни нудат награда од 200 евра за информација која ќе помогне во откривање на сторителот кој расфрлал опасен отров низ градот.

Г.М.