Надлежни инспекциски служби денеска извршиле увид во каналот Студенчишта по новиот помор на плашица, што се случи викендов.

На терен излегол и овластениот инспектор за заштита на животна средина, кој го посетил МЈП „Проаква“, каде стручните служби му ги дале бараните информации. Спортските риболовци вчера побараа од „Проаква“ да пушти минимален проток од Билјанини извори, односно 20 проценти од капацитетот, со што ќе се намали изумирањето на рибниот фонд во каналот Студенчишта, на што од јавното претпријатие одговорија дека немаат ништо со регулацијата на нивото на каналот Студенчишта.

На терен е и ветеринарниот инспекторат од каде најавија дека ќе биде спроведена контрола на пазарот со цел да се спречи евентуална продажба на изловената плашица од каналот.

Иако се претпоставува дека поморот на плашица во каналот Студенчишта е предизвикан од недостиг на кислород, надлежните ги предупредуваат граѓаните на ја конзумираат оваа риба се додека не пристигнат официјалните резултати од анализата на примероци од угинатата риба која треба да ги потврди причините за масовното угинување на плашицата.

Во големиот помор на плашица во каналот Студенчишта што започна пред повеќе од две недели и кој сеуште трае, досега, според проценките на спортските риболовци, угинале помеѓу 15 и 20 тони риба.

OhridNews