Што се случува со просторот пред хотел „Славија Спектар“ кој веќе подолг период е заграден и дали поставената ограда е согласно добиено одобрение од страна на надлежните- е едно од прашањата кои беа поставени на денешната 21- ва седница на советот на општина Охрид со една точка на дневен ред- советнички прашања.
На поставеното прашање одговори секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески кој потенцира дека до локалната самоуправа и надлежниот инспекторат до денес не е пристигната ниту една пријава во врска со наведениот простор пред хотелот.
– Ова укажување ќе се земе како крајно сериозно и уште во текот на денешниот ден ќе дадеме насока до инспекторатот во рамки на локалната самоуправа, да излезе на терен и со записник да ја констатира состојбата. Доколку е постапено надвор од пропишаниот проект за оградување на плажата, ве уверуваме дека ќе преземеме соодветни мерки, рече секретарот Спасески.
Хотелот „Славија Спектар“ пред една година беше купен од страна на индискиот милијардер Субрата Рој кој првично најави дека во објектот ќе бидат сместени архитектите и инженерите и другите членови на тимот кој ќе работи на изградба на луксузниот туристички комплекс „Сахаријан Македонија“ во Љубаништа.
Подоцна Субрата најави дека во близина на хотелот ќе се градат марина, луксузен голф терен, конференциски сали, шопинг центри…
Т.К.