Општинскиот комунален инспекторат и надлежните инспекции на централно ниво, ќе спроведат заедничка координирана акција за отстранување на времените објекти кои нелегално се поставени во центарот на Охрид. Ова е заклучокот што беше донесен на состанокот на претставниците на Комуналната инспекција, Пазарниот инспекторат, УЈП, и други надлежни служби, што се одржа на иницијатива на градоначалникот Александар Петрески. Иако биле поканети, на состанокот не дојдоа претставници на Трудовата инспекција,  Дирекцијата за храна, Капетанија и на полицијата.

-Не се согласувам дека во Охрид постои хаос, но има проблем кој го прават неколку сопственици на времени објекти кои не ја почитуваат одлуката за поставување урбана опрема, што ја донесе Советот. – рече Петрески.


Според него проблем претставува и недејствувањето на инпекциските служби задолжени за контрола на храна, што може да предизвика сериозни последици.

-Се работи за недостиг на волја. Законите се исти во текот на целата година, но на лето инспекторите за храна ги нема на терен, а доколку се случи некакво труење кој ќе ја сноси одговорноста, запраша Петрески.


Од Општинскиот комунален инспекторат укажуваат дека дел од сопствениците на времените објекти ја злоупотребуваат добиената дозвола и спротивно на локациските услови нудат сосема други производи и услуги.

– Наместо сладолед продаваат крофни или поставуваат бокс машини, истакна Танас Танасоски, раководител на општинскиот комунален инспекторат.


Од Пазарниот инспекторат најавија дека заедно со другите инспекции деновиве ќе излезат на терен и ќе ги санкционираат прекршителите кои го уриваат имиџот на Охрид како туристички град.

– Ќе излеземе на терен и таму каде што некои објекти не се регуларно поставени ќе се координираме заеднички и ќе бидат отстранети од плоштадот.-изјави Ѓорѓи Бошалески од Пазарниот инспекторат.


Согласно програмата за поставување урбана опрема што ја изготвува општината, во центарот на Охрид се предвидени 150 локации за времени објекти.

Г. Момироски