Институтот Конфуциј ќе одржи презентација на своите активности и програми во среда, 24 декември, со почеток во 13:00 часот, во просториите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.

Презентацијата е наменета за сите заинтересирани граѓани од Охрид и поширокиот регион, со посебен акцент на образовните и културните институции. Во рамките на настанот ќе бидат преставени можностите за бесплатни часови по кинески јазик и курсевите по традиционални кинески вештини, како и културни настани и активности отворени за јавноста, информираат од Универзитетот.

Преку своето работење, посочуваат, Институтот Конфуциј активно придонесува кон унапредување на меѓукултурниот дијалог, културната размена и продлабочување на соработката помеѓу Македонија и Народна Република Кина.

Сите заинтересирани се поканети да присуствуваат на презентацијата, да се запознаат со бесплатните програми на Институтот Конфуциј и да откријат нови можности за лично и академско надоградување, додаваат од УИНТ „Св. Апостол Павле“.

OhridNews