Институтот „Конфуциј“ кој работи во склоп на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје ќе отвори центар во Охрид во простории на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“. Во рамки на истиот сите кои се заинтересирани без разлика на возраста ќе може да ги изучуваат кинескиот јазик и култура бесплатно. Ова беше посочено на денешниот настан кој се одржа на Универзитетот каде беа презентирани активностите и програмата пред пошироката јавност.

Денес ни претставува големо задоволство што можеме да го претставиме Институтот „Конфуциј“ на УИНТ „Св. Апостол Павле“ пред пошироката јавност и да ја започнеме соработката. Институтот нуди курсеви за кинески јазик за сите возрасни групи, нашите ученици и студенти се на возраст од пет до 65 години. Курсевите се бесплатни. Нормално имаме курсеви и за најраната возраст, значи од 5 години натаму, а исто така нудиме курсеви и за тинејџери и за студенти и за возрасна група. Мисијата на Институтот е покрај изучување на кинескиот јазик доближување и на кинеската култра до пошироката заедница. Нудиме и културолошки курсеви, како калиграфија, кинески танц, кинеска музика, сето тоа со цел да ја зајакниме културолошката размена помеѓу нашите две држави, потенцираше Веј.
Институтот еднаш годишно го организира и натпреварот „Кинески мост“ за учениците од основните и средни училишта, како и за студентите.
Тој што ќе победи на натпреварот има можност да ја посети Кина каде учествуваат на натпревар со учесници од целиот свет. И оваа година имавме можност да испратиме неколку натпреварувачи од Македонија во Кина кои постигнаа многу добри резултати и се стекнаа со одлично искуство. За средношколците и студентите кои победуваат на натпреварот има можност да добијат стипендија да го изучуваат кинескиот јазик во траење од еден семестар во Кина, потенцираше
Курсеви за изучување на кинескиот јазик има во неколку градови во Македонија, Скопје, Битола, Прилеп, Ресен, Македонски Брод, Вевчани… За другите градови засега има онлајн курсеви.
Има многу голем интерес за изучување на кинескиот јазик. Во моментот имаме околу 500 студенти и ученици, додаде Веј.
На денешната презентација присутвуваа бројни ученици, студенти, кои покажаа интерес за изучување на кинескиот јазик, посочувајќи дека соработката на Институтот нуди одлични можности за нивното понатамошно образование и кариера.
- Отсекогаш постоел интерес кај мене за изучување на кинеската култура. Мислам дека е добра можност да се проучи јазикот и одвај чекам да започнат курсевите. Ме интересира што ќе дознаам денес повеќе за нивната култура. Изучувањето на кинескиот јазик ќе ми помогне можеби и за посета ка Кина, јазикот е специфичен, поразличен и би било интересно да се научи основата. И би сакал да имам некоја поврзаност во градењето на мојата кариера, вели Бојан Паункоски, судент на УИНТ „Св. Апостол Павле“.
- Ова за нас е голема можност за студенска размена или било каква активност во Кина. За нас би било добро да се запознаеме со кинеската култура и да соработуваме со кинеските институции кои имаат инетерс да соработуваат со нашиот Универзитет, вели Омер Чезаир, студент од Факулетот за софтверско инженерство.
Од Институтот посочија дека ќе бидат објавени повици на кои ќе можат да се пријават сите заинтересирани.
Инаку, Институтот „Конфуциј“ во Македонија е основан во 2013-та година, а во 2023 година Општина Охрид потпиша Меморандум за соработка во кој е опфатено изучување на кинескиот јазик, литература и култура.
Н.С.Ј.
















