Изминатиот викенд, од 25 до 28 септември, во Охрид се одржа билатерална инструкторска средба помеѓу инструктори од спасувачки тимови од Македонија и претставници од инструкторскиот тим на Gorska Reševalna Zveza Словенија во организација Националниот Сојуз за планинско спасување (НСПС).
Целта на средбата беше меѓусебно зближување и размена на искуства од процесите за обука на спасувачи во двете земји. Посебно внимание беше посветено на новата типизирана техника за техничко спасување, која од февруари оваа година официјално се применува во Словенија. Овој „револуционерен“ пристап значително ги поедноставува процедурите при интервенции на комплексен терен, со што се намалува потребната опрема, а истовремено се зголемува ефикасноста и безбедноста на спасувачите, целосно во согласност со препораките на ИКАР, информираат НСПС.

Во април годинава беше потпишан регионален договор за соработка од страна на седум спасувачки служби од регионот, а во јули НСПС и ГРЗС го потпишаа и посебниот билатерален договор. Со него, НСПС доби право да ја имплементира новата словенечка типизирана техника во своите образовни и оперативни цели – важен чекор кон реформирање на националниот стандард кој во иднина ќе се применува од сите организации членки на НСПС. Ова ќе овозможи поефикасни спасувачки операции и зголемена безбедност на нашите волонтери, потенцираат од НСПС.

Нашите гости од Словенија беа сместени во Планинска куќа Спиридон на Галичица и во Оперативниот и тренинг центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид. Изразија искрени пофални зборови за нивниот изглед и функционалност, кои се резултат на трудот и посветеноста на волонтерите од Ohrid red cross – Mountain Rescue Service и Алпинистички клуб Патагонија Охрид, додаваат од НСПС.
OhridNews












