Градоначалникот на Виндзор, Еди Френсис најави интензивирање на соработката со новиот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, пренесува „Макфакс“.

Тоа што Охрид има нов градоначалник, полн со енергија и иницијативи, за нас значи дека оваа соработка има потенцијал и во неа вреди да се инвестира.” – изјави во понеделникот градоначалникот на Виндзор, Еди Френсис, на чинот на возобновување на програмата за побратимување на двата града, која стагнирала во период од триесетина години.

Македонската заедница им изрази огромна благодарност на пратениците од Виндзор, кои застанаа во активна поддршка на Македонската група во Канадскиот парламент. Пратеникот на владеачката конзервативна партија Џеф Ватсон и влијателниот опозиционер Брајан Меси, двајцата од Виндзор, се потпретседатели на Македонската група во Канадскиот парламент, а својата поддршка ја изрази и влијателниот Џозеф Комартен, потпретседател на Канадскиот парламент од овој град.

На презентацијата на можностите за инвестирање во Македонија, во Економската комора на Виндзор и Есекс, присуствуваа повеќе претставници на автомобилската, прехранбената и сервисната индустрија во градот, а презентации и разговори македонската делегација имаше и во Корпорацијата за Економски развој на Виндзор и Есекс.

Претседателот на Стопанската комора Мет Маршан го изрази своето задоволство од присуството и партнерството со Македонската амбасада, а особен интерес се разви и за презентацијата на реформите и резултатите на македонскиот образовен систем. И Универзитетот на Виндзор и франкофонскиот Колеж Бареал, за технологии и применети уметности изразија интерес за соработка со Македонските високообразовни институции во наредниот период.

Водечкиот медиум Виндзор Стар објави прилог со изјава од македонскиот амбасадор, а за настаните јавија и американско-канадскиот Биз Екс Магазин и регионалните радија.

OhridNews

извор: „Макфакс“