Екипите на општинските јавни претпријатија, интензивно работат на терен на повеќе локации во Охрид за надминување на проблемите кои ги предизвикаа обилни врнежи од дожд, што деновиве го зафатија охридскиот регион.
На состанокот беше извршено мапирање на критичните точки и беше направен план за итно дејствување и ангажирање на дополнителни екипи на терен. Од страна на стручните лица беше посочено дека предизвикано е излевање на Коселска Река на неколку критични точки, при што се поплавени објекти за домување, дворови и јавни површини. Најкритична е состојбата на улицата „Гоце Делчев“ во близина на Здружението на возачи и на потегот кај селото Орман, каде е поплавена поголема површина. Поплави се евидентирани и на други локации на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, во делот кај населбата Рача, посочуваат.
Воедно информираат дека на располагање се ставени сите капацитети на општинските јавни претпријатија, дека се делува координирано и состојбата постојано се следи.
На терен се работи со градежна механизација и пумпи за испумпување на водата, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици. Општина Охрид упатува апел до граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните надлежни служби, додаваат во соопштението.
OhridNews















