Фудбалерите на Интер забележаа значајна победа во дербито на Италија против екипата на Јувентус, што се одигра во рамки на 4-то коло од Сериа А. Попладнево на „Џузепе Меаца“ Интер во возбудлив натпревар славеше со 2:1.

По првото полувреме со многу тактизирање од двете страни и без многу шанси, мрежите мируваа. Вистинските возбудувања дојдоа во второто полувреме. Интер иако имаше повеќе од играта и создаваше прилики, Јувентус го отвори резултатот во 66 минута преку Лихштајнер. Радоста на „бјанконерите“ траеше кратко, бидејќи Интер се врати во игра во следниот напад. По изведениот корнер капитенот Икарди со небесен скок го совлада Буфон. Истиот играч во 78 минута на маестрален начин му асистираше на Перишиќ кој со прецизен удар со глава по втор пат го примора Буфон да ја вади топката од сопствената мрежа.

До крајот Јувентус притисна, но не успеа да го израмни резултатот. Во 90-та минута од игра беше исклучен Бaнега поради втор жолт картон, но Интер го издржа притисокот и сосема заслужено ги освои трите бода.

По 4 одиграни кола лидер на табелата е Наполи со 10 бода, еден повеќе од Јувентус. Интер со денешната победа го прокнижи 7-от бод и фати приклучок со водечките тимови.

Колото го комплетираат Фиорентина и Рома кои играат вечерва.

OhridNews