Претпладнево на прес конференција во Агенцијата за млади и спорт ФФМ и АМС заеднички го претставија проектот „Тренери без граници” кој овозможува талентирани и еминентни македонски тренери да се усовршуваат во големи европски клубови како Интер , Херенвејн и други.

Први можноста да заминат во кампот на Интер во Милано во конкуренција на 20-тина заинтересирани тренери кои се пријавија на конкурсот ја добија Жикица Тасевски и Тони Јакимовски кои се со големо тренерско искуство во прволигашките екипи но и младите категории.

-АМС со цел подобрување на спортските резултати пред се на македонската сениорска репрезентација, но и во насока на развивање на младинските категории, со ФФМ договори акционен план за разработување на 14 проекти. Реализацијата на првиот проект се случи пред три месеци кога беше укината царината за спортските реквизити добиени како донација од странство, а наменети за спортските федерации. Вториот проект е суштински и тој се однесува на развојот и усовршувањето на младинските категории, а тоа е формирањето на „Спортската Академија”. Третиот проект е денешниот „Тренери без граници” кој ќе им овозможи на македонските тренери да можат да отидат во некој реномиран странски клуб и на самото место да се запознаат со работата на тренерите на големите европски клубови, рече директорот на АМС, Лазе Поповски пред присутните новинари.

И генералниот секретар на ФФМ, Игор Климпер не го криеше задоволството од овој проект но и се поголемата соработка на релација АМС- ФФМ.

– Овој проект очекуваме, заедно со изградбата на тренинг центарот, формирањето на фудбалска Академија, законските ослободувања како и трансформацијата на клубовите да допринесат за значително подигање на квалитетот на македонскиот фудбал. Таленти има. Со добри и едуцирани тренери со подобра инфраструктура очекуваме и подобри резултати –изјави Климпер.

Голем бенефит од усовршувањето во Интер и Херенвејн кои се се познати фудбалски школи очекуваат и тренерите кои први ќе учествуваат на ваков семинар, Тасевски и Јакимовски.

– Можноста да се види како се работи во еден врвен клуб е драгоцена. Треба да се согледаат организацијата, условите, методологијата на работа и да се донесат новитети во македонскиот фудбал со цел подобрување на репрезентативните и клупските резултати-рече Јакимовски

По Јакимовски и Тасевски кои ќе заминат во Милано во школата „Факет” каде учеа Пандев и Стојков во Херенвејн ќе заминат Висар Ганиу и Љубодраг Милошевиќ.

Јакимовски и Тасевски ќе имаат можност да го следат и натпреварот Интер-Марсеј во Лигата на шампионите.

Ohridnews