Серијата интерактивни предавање и мултимедијална изложба со помош на проширена реалност на проф. д-р Анис Сефиданис ќе се одржат во Охрид од 1 до 10 јуни. „Духот од електронската ламбa“ – Од вакуумски цевки до дигитална свест: развојот на компјутерските процесори и раѓањето на вештачката интелигенција се насловот и поднасловот на истите.
Предавањата од 1 до 3 јуни Сефиданис на инцијатива на НУ Библиотека „Григор Прличев “ ќе ги одржи во Прличевата одаја и ќе започнуваат во 12 часот, напладне.
Секој ден во рамките на изложбата, за интерактивната АР апликација доволен е мобилен уред со интернет врска, прелистувач и камера. Присутните ќе имаат можност да ги истражат можностите како и предизвиците на вештачката интелигенција. Заинтересираните можат, исто така, да го посетат Институтот за експоненцијални технологии „Сефиданис”, каде се наоѓа првиот суперкомпјутер на американската компанија НВИДИА, информираат од Библиотеката.
Уникатната колекција на Сефиданис, додаваат, нуди оригинални примероци од најраните претставници на електронските ламби на ИБМ до последната генерација на современите процесори на повеќе хетерогени јадра, кои оперираат со висока фреквенција и паралелност.
Со помош на мобилна апликација која користи проширена реалност, посетителите ќе имаат можност да дознаат повеќе за историјата, архитектурата и примената на секој изложен артефакт. Изложбата на 6-7 јуни ќе биде поставена во Центар за култура „Григор Прличев“, а од 8-10 јуни на Универзитет „Св. Апостол Павле“, додаваат од Библиотеката.
Инаку, д-р Анис Сефиданис е професор на Факултетот за применети информатички науки, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Претходно бил декан на Факултетот за информатика на Европски Универзитет во Скопје, а предавал и како визитинг професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“. Сефиданис е автор на повеќе книги од областа на информатиката, меѓу кои и „Препознавање на облици со помош на машинско учење” и е основач на Институтот за експоненцијални технологии.
OhridNews














