Владата и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се согласуваат интернет порталите да се исклучат од Законот за медиуми, соопшти во денеска ЗНМ по средбата со министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски.

 Покрај ова двете страни се договориле ЗНМ како претставник на новинарите да предложи член во Советот на Агенцијата за медиуми и во членот 48 од Законот за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги да се додаде нов став со кој ќе се појасни дека секое ограничување на содржина на медиуми може да се направи согласни судската пракса на Европскиот суд за човекови правата во Стразбур.

Овие предлози на ЗНМ Владата се обврзува да ги имплементира најдоцна до крајот на јануари 2014 година.

За нас како здружение е многу битно интернет просторот да остане неконтролиран од државата, како единствен простор во кој сеуште се негува плурализам на медиуми, владата да не се меша во здружувањето на новинарите и самоволно институциите да не можат да ограничуваат медиумски содржини, туку само во согласност со европските стандарди, строи во соопштението на ЗНМ.

Освен за овие три прашања за кои има согласност, остануваат сите други разлики кои досега постоеја меѓу ЗНМ и Владата.

ЗНМ останува на ставот дека нема потреба за донесување на закон за медиуми, иако драстично се намалени обврските за печатените медиуми само на потребата за објавување на импресум и сопственичката струкура и заштита од порнографија.

ЗНМ смета дека закон за медиуми во услови кога Македонија рапидно паѓа на ранг листите на реномираните меѓународни организации за слободата на медиумите е апсолутно неприфатливо.

„Не можеме да прифатиме печатените медиуми да имаат обврска да објавуваат импресум кога веќе тоа го прават речиси сите печатени медиуми, како и дека не може владата да бара транспаретност за сопственичката структура на весниците кога таа самата нетранспаретно троши пари во медиумите. Крајно непотребно е да им се наметнат обврски на печатените медиуми кога тие се соочуваат со сериозни предизвици за опстанок на пазарот“, стои во соопштението.

Освен тоа, ЗНМ не се согласува со концептот за формирање на Агенцијата за медиуми и со решенијата за Македонската радиотелевизија, посебно делот на предлагање на кандидати за членови на Советот на Агенцијата и на Програмскиот совет на МРТ, отсуството на одржливо финансирање и транспарентност во работата на овие институции . Сметаме дека овие делови во законот не се во согласност со препораките и стандардите воспоставени од Советот на Европа и ние ќе продолжиме да ги спориме.

ЗНМ не го прифаќа објаснувањето на владата дека за владините реклами не треба да се донесе законско решение, со кое ќе се обезбеди транспарентност во трошењето на јавните пари, ќе се дефинира поимот што е кампања од јавен интерес и ќе се предвидат критериуми за распределба на кампањите.

Исто така, ЗНМ е против членот 92 од законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој на националните телевизии им се покриваат 50 посто од трошоците за производство на домашна продукција за играна и документарна програма. Ние сме убедени дека дополнителното трошење на јавни пари во приватните национални радиодифузери, е дополнителен механизам со кој владата ќе влијае на уредувачката политика на овие медиуми. Ако владата сака да ја потикне домашната продукција, тие пари треба да ги даде во јавниот сервис, а не во приватни компании, кои секоја година остваруваат милионски профити.

ЗНМ останува на ставот нема никаква потреба за дефинирање на професијата новинар и за нас тоа е заобиколен начин за лиценцирање на новинарите. Доколку владата смета дека тоа е во интерес на новинарите, тогаш препорачуваме да се дефинира и професијата политичар, велат од Здружението на новинари.

Воедно се оценува дека казните за медиумите во двата закани се екстремно високи и непропорционални, со што може негативно да влијае на работата на медиуми и да потикнуваат самоцензура.

OhridNews
извор:„Макфакс“