Слабата интернет конекција им задава проблеми на наставниците во водење на задолжителниот е-дневник во руралните средини. За овој проблем, кој е присутен и во Охридско, е запознаено Министерството за образование, од каде информираат дека веќе се работи на негово решавање.

-Тимови на соодветниот оператор и на министерството веќе се на терен и ги отстрануваат сите проблеми кои предизвикуваат слаб доток на интернет, така што во најскоро време очекувам проблемот комплетно да биде саниран.-изјави ресорниот министер Спиро Ристоски при неодамнешната посета на Охрид.


Тој посочи дека наставниците во средините каде има проблем со интернетот не треба да стравуваат од санкции.

-Ние точно имаме информација каде има проблем со доток на интернет, така да во тие моменти доколку се констатира дека заради овој проблем не биле внесувани податоци во е-дневникот наставниците нема да подлежат на одговорност бидејќи тоа не е нивна вина.-додаде Ристоски.

Иако времето годинава значително залади порано од вообичаено, министерот за образование не очекува проблеми со греењето на училиштата.

-Немаме најави дека некаде ќе има некаков проблем со греењето, но не е се така едноставно за да се предвиди. Зимската сезона доаѓа, сведоци сме дека малку порано дојде ладниот период од годината, меѓутоа јас не очекувам некоj позначајни проблеми, но доколку се појават ве уверувам дека ние како министерство ќе интервенираме, затоа што најмaлку од се сакаме децата да немаат нормални услови за следење на наставата.-рече министерот Ристоски.

OhridNews