Охридскиот пратеник Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ неодамна беше повторно избран за потпретседател на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа и потпретседател на ПССЕ.
Во интервју за „МИА“, Николовски псоочува дека македонските претеници покажуваат дека можат да бидат на исто ниво со европските пратеници
Интервјуто Ви го пренесуваме во целост:
Честитки за реизборот за прв потпретседател на Мониторинг комитетот на ПССЕ, како и изборот за Потпретседател на целото Парламентарно Собрание на Советот на Европа. Што значат овие две позиции и како дојде до изборот на истите? Кои се Вашите планови?
Александар Николоски: Благодарам на честитките. Република Македонија добива највисока позиција во делот на парламентарната дипломатија што било кога ја имала. Потпретседателското место во Мониторинг комитетот, кој што е највлијателен тука, во комбинација со потпретседателско место во Парламентарното собрание во Советот на Европа е нешто што Република Македонија никогаш го немала. Тоа е прво потврда дека Република Македонија има високи стандарди пред се во делот на почитување на демократските вредности, владеењето на правото, признанието за битката против корупцијата, реформите во судството, но и борбата за подобар економски стандард и социјални слободи.
Во исто време јас како што тоа го правев изминатата една година во мониторинг комитетот, оваа година и секако следните две години како потпретседател ќе се обидам целосно да ги застапувам интересите на Република Македонија и на целиот регион, пред се за почитување на демократските права, почитување на правата на малцинствата, јазичните и културните права, правото на здружување, секако желбата на целиот регион да се интегира во ЕУ и НАТО, и пред се Република Македонија, која како што знаете има долгогодишно оспорување во овој дел.
Во таа насока би сакал да истакнам дека една од најзначајните активности која што ја направив минатата година и која ми обезбеди реизбор оваа година во мониторинг комитетот е целосната реформата на мониторинг процесот. Станува збор за една постапка која ја инициравме неколку луѓе во Советот на Европа. Од 315 пратеници бевме избрани 16 кои напорно работевме на документот за реформа. Документот е усвоен. Она што е најзначајно за нас е тоа што наречените стари земји членки, како што на пример е Република Грција, може да бидат ставени под мониторинг. Веќе од априлската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа може да се иницира една таква постапка, во која земјата членка треба да одговара за почитување на човековите и малцинските права, за верските и јазичните права, на правото на здружување, што ќе ни даде една несекојдневна можност да ги набљудување овие процеси и во таканаречените стари земји членки кои тврдат дека се е исклучително демократски земји.
Г-дин Николоски, Мониторинг комисијата е всушност таа која најдобро се грижи за тоа како се почитуваат европските текстови, Конвенцијата за човекови права како и Рамковната конвенција за регионални и малцински јазици, како и документите и резолуциите кои се предуслов за членство во Советот на Европа. Дел од земјите немаат потпишано одредени документи. Како вие ќе влијаете врз спроведување на овие документи, посебно за некои наши соседни земји?
Александар Николоски: Токму така. Она што е најзначајно кај Мониторинг комитетот е што се занимава со мониторирање на целокупните политички процеси во значаен број на земји кои се во фаза на мониторинг или постмониторинг. Со последните измени може да се иницира постапка и во другите земји кои не се наоѓаат во овие две фази. Тоа значи дека ние скоро на секое заседание во мониторинг комитетот разгледуваме некоја држава, даваме насоки и бараме тие да бидат спроведени. Како голем успех можам да го споменам тоа дека со мое лично залагање, кое го иницирав во јануари 2014 година со писмо до претседателот на мониторинг комитетот г. Стефан Шенах, побарав да се оспори новата територијална организација во Република Албанија, со која што македонците ќе немаа ниту една своја општина, затоа што постоеше една дискриминаторска одредба во законодавството со која се одредуваше општините да бидат со најмалку 10.000 жители. Резулатат на таа борба е што општина Пустец, која нема 10.000 жители, остана како посебна локална самоуправа и таму македонците се мнозинство. Втората иницијатива која ја иницирав, и која сега е задача на Република Албанија, е целосното спроведување на Рамковната конвенција за регионални и малцински јазици согласно која треба да се овозможи настава на македонски јазик не само во општина Пустец туку секаде онаму каде што има македонци кои сакаат да посетуваат настава на македонски јазик. Ова се едни мали примери кои што покажуваат како мониторинг комитетот може да биде искористен не само за меѓународно претставување на Република Македонија туку и за заштита на македонското малцинство без оглед каде живее.
Постои некој лоби група во ПССЕ која ги брани интересите на Република Македонија?
Александар Николоски: Јас сум тука од крајот на 2009 година, тоа се скоро 5 години, во кои стекнав многу пријатели. Знаете, како и во животот, и во политиката и дипломатијата мора да имате пријатели. За жал Република Македонија е мала земја и има три гласови во Парламентарното собрание на Советот на Европа, од вкупно 315, нема 18 гласови како што има Велика Британија, но успевам да создадам еден круг на пријатели и тоа од исклучително влијателни луѓе. Тука можам да го споменам првите луѓе на Европската народна партија г. Педро Аграмунт, првиот човек на европските конзервативци г.Роберт Волтер, кој е известител за Република Македонија, шефот на либералите г. Жорди Ксукла, шефот на социјалистите г. Андреас Грос и голем број луѓе кои сакаат да помогнат на Република Македонија, затоа што ние реално ги претставуваме работите. Во исто време, ова мое 5-годишно искуство овозможува да покажам дека не е мој единствен интерес само Република Македониј , туку сум покажал и иницијатива и експертиза за други прашања и сум покажал дека македонските пратеници може да се на исто ниво со европските пратеници и да имаат еден исти квалитет на работа како што би можеле да бидеме рамноправни. Драго ми е тоа што така се третира. Повеќе би рекол дека е пријателска отколку лоби група.
Македонските пратеници се рамноправни со еврпските пратениците. Видовме дека при ратификацијата на мандатот на нашата Делегација кај нас недостасуаваат двајца пратеници од редовите на опозициската СДСМ. Како тоа се одразува во работата на Делегацијата и дали има последици за нашето присуство тука, знаејќи дека ПССЕ на повеќе пати ја повика опозицијата да се врати во Собранието.
Александар Николоски: Ние имаме тројца членови и тројца заменици членови. Секогаш ни е правило најмалку еден член и најмалку двајца заменици да бидат од опозиција. ¬¬Сега имаме еден заменик член од опозициската ДПА, но немаме член и заменик член од пратеничката група на СДСМ. Тоа е една непријатна ситуација. Тоа секако се одразува и говори за сериозноста на државата затоа што на крајот на денот овде не гледаат како држава. Но би сакал да споменам дека Мониторинг комитетот направи една несекојдневна работа. На почеток на месец јули испрати т. н. постизборна мисија во Република Македонија, составена од г. Стефан Шенах, Претседател на Мониторинг комитетот и г. Роберт Волтер, известител за Република Македонија кои директно пренесоа порака дека ПССЕ не го толерира бојкотот кој опозиционата СДСМ го прави во македонското Собрание. И други пратеници кои ги споменав, видни пратеници, како на пример г. Тјери Маријани, еден од највилјателните пратеници во Република Франција, г. Јонут Строе од Романија, г. Аксел Фишер шеф на германската делегација, г. Педро Аграмун, г. Жорди Ксукла испратија директна порака дека ја повикуваат опозиционата СДСМ да влезе во Собранието и целосно да ги оствари своите мандати затоа што демократијата има единствено смисла ако дијалогот се води само во Парламентот. Нивниот став и нивната порака е јасна. Се надевам дека веќе во априлската сесија јас ќе можам да предводам една целосна делегација и со тоа да оставиме уште подобра слика за Република Македонија.
Како изгледа работниот ден на македонски пратеник во ПССЕ? Дали се разликува многу од работата во македонското собрание?
Александар Николоски: Знаете ПССЕ нуди многу можности и од Вас зависи како ќе ги искористите. Јас кога доаѓам тука работам од 08.30 до 22 часот. Обично околу 08.30 часот имаме состанок на партиска група, јас припаѓам на Европската народна партија, или состанок на Комисија. Од 10.00 до 13.00 часот имаме пленарно заседание а од 13.00 до 14.00 часот има пауза за ручек, и тоа впрочем е единствената пауза. Од 14.00 до 15.30 часот има заседание на некој комитет а од 15.30 до 20.00 часот продолжува пленарната сесија. После заседанието се остваруваат и најбитните контакти на некој органииран настан или одбележување на некој национален ден, се остваруваат средби со пратеници, со претседателот на ПССЕ, со присутни амабасадори. Јас се обидувам навистина 12-13 часови да работам тука, да ја вложам сета своја енергија, со оглед на тоа дека нас ни е ограничено доаѓањето на сесиите, 4 максимум 5 дена, и сакам максимално да ги искористам за интересите на Собранието и за Република Македонија и генерално да покажам дека македонските пратеници може да работат не само работи кои се во тесниот видеокруг на својата држава. Честа да бидам избран како еден од 16-те членови и да пишуваме документ со кој темелно се реформира организацијата говори самиот по себе многу.
Не е само работата во Стразбург, Вие како член на парламентарното собрание сте поканет да присуствувате на средбите на мониторинг комисијата и на другите органи. Како потпретседател ќе имате можност да учествувате и во работата на Бирото каде се одлучува за дневниот ред тоа ве наведува исто да патувате и во други градови посебно во Париз и има редовни состаноци во другите канцеларии во Советот на Европа исто и во други земји. Какво е искуството од тие состаноци на кои што одите?
Александар Николоски: Правилото е дека има четири редовни сесии во јануари, април, јуни и октомври во Стразбур, помеѓу тие сесии има уште најмалку четири состаноци на мониториг комитетот некогаш и пет, најчесто се во Париз и таму се разговараат работите кои што после тоа на пленарната сесија треба да се разгледаат така што тоа можам да кажам за Мониторинг Комитетот и за Комитетот за политички прашања на кој што сум исто така член се најбитните состаноци затоа што кога ќе дојдеме во Стразбур работите се горе долу завршени. Тоа што сум потпретседател сега и на Парламентарното Собрание во наредните 2 години ќе ми даде една не секојдневна можност да бидам член како што споменавте на Бирото но и на постојаниот комитет на Парламентарното Собрание што значи дека во координација со претседателката на Парламентарното Собрание ќе работиме заеднички на состаноците во составување на целиот дневен ред и агенда на работа на Парламентарното Собрание шти и дава еден висок степен на влијание кое што можете да го имате затоа што тоа се дваесетина луѓе кои одлучуваат практично за се што се случува тука и ќе се обидам на најдобрам можен начин да го искористам но и како што кажав да покажам дека Македонските пратеници можат да се носат на вака одговорни позиции.
Вие сте ако се сеќавам добро, третиот македонски пратеник кој што седнува на претседателската фотеља на Парламентарното Собрание, додека претседавате со сесијата вие сте претседател на сесијата како потпретседател, како се чувствувате кога седите од другата страна знаејќи дека на тие фотељи, на тоа место седнале многу значајни личности, кои се значајни за изградбата на Европа и Европската Унија се градеше повеќе во палатата на Европа отколку во новиот што е на другата страна на каналот во Стразбур?
Александар Николоски: Она што можам да кажам е дека потпретседателското место Парламентарното Собрание, Македонија го добива по принцип на ротација, и тоа е многу значајно.
Сепак не е лесно бидејќи има седумнаесет земји како Македонија што претендираат за тоа место.
Александар Николоски: Се избирани, но имавме среќа да го добиеме. Но прв пат имаме несекојдневна можност да имаме потпретседател на Парламентарното Собрание и потпретседател прв потпретседател затоа што има три потпретседатели на најзначајниот комитет тоа е Мониторинг Комитетот. Така што една ваква комбинација сме немале никогаш дури многу помоќни држави немаат таква комбинација или ретко им се случува да имаат таква комбинација, секако е голем престиж но и голема обврска затоа што ви се мери секој збор, секоја постапка, секое однесување да речеме на Мониторинг комитетот има секогаш возбудливи дебати, мора внимателно да ги следите, кога претседавате мора да сте неутрални кон колегите без разлика кој е вашиот личен став и да покажете дека можете да се дигнете над она што се викаат тесно партиски или државни интереси и да малку пошироко ги гледате работите. Она што е исто така значајно што сум среќен што Советот на Европа ја задржува својата улога, имено во делот на политичките прашања, во делот почитување на човековите права малцинските, јазичните и културни права, владеењето на правото и битката против корупцијата, Советот на Европа останува број еден организација во Европа и дури и Европската Унија ќе ги презема мислењата на Советот на Европа уште повеќе Европската Унија нема воспоставено мониторинг механизам ниту планира да го воспостави врз било која држава туку ги презема извештаите кои ги составува Мониторинг Комитетот. Така што тоа што ние ќе го кажеме за одредена држава после тоа станува мислење и на Европската Унија што и дава живот на оваа организација и дава едно вонредно значење во следните неколку децени кои што се пред нас.
На пример за споредба Македонија е во пост мониторинг дијалог исто како и соседна Бугарија која што веќе е членка на Европската Унија веќе неколку години.
Александар Николоски: И како во пост мониторинг сме четири земји значи Македонија, Бугарија, Турција и Монако. Ние сме тринаесет години во пост мониторинг. Една од реформите во која што учествував и која ја иницирав кога го пишувавме текстот е да се стави временски рок. Имено ние сме тринаесет години во пост мониторинг и немаме јасна смерница каде одиме понатака. Јас побарав да тоа биде максимум три години, односно во рок од три години да се каже дали државата излегува од пост мониторинг или има работи кои што мора да ги заврши и точно да се напишат. Така што јас се надевам дека Македонија ќе излезе дури и порано од пост мониторинг и ќе влезе во оваа привилигирана група на таканаречени стари членки. Мислам дека Турција е далеку од излегување од постмониторинг, Монако е исто така далеку од излегување од постмониторинг, тие имаат одредени проблеми со државјанства кој што даваат во Монако и со поседување на имот таму, а Бугарија доколку имаат стабилна влада возможно можеби со нас или околу период во кој што и ние ќе излеземе и тие да излезат од пост мониторинг. Но секако како што кажавте ова не е лошо друштво, не сме во друштво да речеме на Украина, Грузија, на Ерменија, на Азербејџан кои што се во мониторинг туку сме во една далеку повисока фаза.
Дали има притисоци врз пратениците на делегацијата?
Александар Николоски: Не, ако мислите дирекни притисоци во овие пет години ниту сум имал ниту сум почуствувал на било кој од пратениците тука има притисоци затоа што пратеничката позиција доколку знаете добро да ја користите е една позиција кој што ви дава голема слободоумност во рамките на вашите убедувања да ги застапувате вашите ставови. Колку тоа ќе го направите зависи од вас. Дали ќе ја корумпирате вашата мисла не во смисла на финансиски, туку дали ќе ја ограничите зависи исклучиво од вас, јас сум секогаш слободоумен имам јасни принципи во животот, јасни морални вредности, јасни политички погледи и орјентации и секогаш ги застапувам и во Република Македонија и тука во Парламентарното Собрание.
Имавте оптимистичка изјава дека Македонската делегација на следната сесија ќе биде комплетна во комплетен сотав. Господине Николоски се надевам дека вашите предвидување ќе се реализираат, Ви благодарам многу што одделивте неколку минути од вашата работа за ова интервју.
Александар Николоски: Јас се надевам ќе се видиме во април со убави вести по однос на тие прашања но и на многу други прашања и се надевам дека во една конструктивна дебата ќе продолжиме да работиме и уште да дополнам се надевам дека и во Грција ќе има промена во овие три месеци и дека нема да има потреба да покренуваме мониторинг постапка, дека ќе има некоја радикална промена таму која ќе води кон конечно отворање на очите на грчката држава и општество и признавање на јазицните и културните правата на малцинставата кои живеат во Грција, како и правото на здружување и почитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права од страна на Грција. Доколку сепак не го направат тоа Мониторинг механизмот стои и од април е на располагање.
OhridNews
Извор: МИА














