Уметникот има моќ да влија на одредени промени во општеството, без разлика дали се работи за политика или за нешто друго, вели американскиот стендап комичар Мет Дејвис. Тој во рамки на светската турнеа, во недела, 14-ти февруари, ќе настапи во култниот охридски клуб “Jazz Inn” во 21 часот, а домаќин ќе му биде извонредниот македонски стендап комичар Никола Тодороски. Тоа ќе биде прв настап на американски стендап комичар во Македонија. 36-годишниот Дејвис по потекло од Алабама, САД, на турнеа низ светот е од јули 2015 година, посетувајќи бројни места. Во ексклузивно интервју за OhridNews тој зборува за искуствата од настапите низ светот, за професионалниот живот, но и за универзалните вредности и улогата на уметникот во општеството.
Matt Davis
ОhridNews: Вие сте на светска турнеа, во рамки на која за прв пат ќе настапите во Македонија. Воопшто за прв пат еден американски стендап комичар ќе настапи во нашата земја. Како дојде до реализација на оваа идеа?
Matt Davis: Мислам дека направив доста во Северна Америка, и дојдов до момент кога сфатив дека има уште многу други места во светот каде што можам да ги реализирам моите идеи. Настапував во Кина и тоа беше најголемото нешто што сум го направил. Отидов таму, настапував, но и колку да имате некаква замисла каква е Кина сфаќате дека Кина не е таква каква што сте ја замислувале, некој замислува каква е Америка, но всушност не е таква Америка, и така е насекаде. Па така правам шеги поврзувајќи ги луѓето кои живеат на различни места каде што не сум бил и работи кои никогаш не сум ги видел. Секогаш има што да научиме едни од други и на крај сфаќаме колку всушност сме слични.
OhridNews: Колку време се занимавате со стендап?
Matt Davis: Со стендап почнав да се занимавам пред 19 години во Бирмингем, Алабама – САД, каде што сум роден. Почнав таму на 17 годишна возраст, продолжив да настапувам низ САД, потоа во Канада, на Карибите, за минатиот јули да го проширам мојот проект во многу други земји каде што настапуваат стендап комичари, со цел да се сретнам со тие луѓе да научам нешто од нив, да ги согледам разликите и сличностите, за да сфатам на крај дека врската помеѓу луѓето преку шегата може да ги надмине културните и други бариери кои постојат меѓу нас.
OhridNews: Ќе настапите во клубот Џез Ин. Како е да се настапува пред странска публика и што подготвувате за охриѓани?
Matt Davis: Во главно џез (ха, ха). Да се настапува пред странска публика е интересно. Понекогаш се случува да не ве сфатат на вистинскиот начин, но подоцна стигнуваме до поентата. Се случуваат и грешки, но смешно е и кога ќе погрешите. Предизвик е да се подготви материјал за таков настап. Ги адаптирам шегите на поднебјето. Секое место ми дава насока во кој правец треба да го подготвувам настапот.
OhridNews: Во недела, кога настапувате во Охрид, е Св. Валентин, но според православниот календар е Св, Трифун и се празнува празникот на виното. Што ќе биде ваша инспирација виното или љубовта?
Matt Davis: Валентин, а истовремено и Ден на виното. Вино и чоколада, мислам дека ќе биде совршена комбинација.
OhridNews: За жал во Македонија политиката има големо влијание во секојдневниот живот, дури и во културата и уметноста. Која е улогата на уметниците во општеството и дали постои универзален принцип како тие треба да делуваат во едно општество?
Matt Davis: Уметникот по природа се обидува да комуницира, да се изразува и да го опсервира општеството. Личните гледишта на уметникот влијаат на општеството. Не се работи секогаш за политика или државни работи, од него треба да извира ехото на општеството, без разлика дали се работи за добро или лошо. Секогаш постои флуидна поврзаност помеѓу уметникот и општеството. Тоа што тој го работи одекнува во општеството и луѓето реагираат на тоа. Моќта да се влија на одредени промени во општеството, без разлика дали се работи за политика или за нешто друго зависи од самиот уметник.
Горан Момироски
Фото: Ohridnews/Kritarth Srinivasan