Интервју со Д-р Ванчо Чифлиганец – кум на Водици 2012: Охрид заслужува да добие богојавленски споменик во духот на верата и традицијата
13.01.12 11:00
Ванчо Чифлиганец, годинешниот кум Богојавление Водици во Охрид, во интервју за OhridNews открива дека многу работи го поврзуваат него и неговото семејство со овој свет празник. Покрај тоа што на Свети Јован е неговиот именден, овој празник долги години е куќна слава во нивното семејство. Неговата сопруга Данка слави именден на Богојавление-Во Јордание, а неговито внук од постарата ќерка носи име Јован. Чифлиганец вели дека иако не е од Охрид се чувствува како охриѓанец затоа што многу убави денови од животот поминал покрај Охридското Езеро.
OhridNews: Што значи за Вас годинешното кумство на Манифестацијата Водици во Охрид, објаснете ни како Вие и Вашето семејство ја доживувате таа чест?
Чифлиганец: Тоа е чувство што исклучително ме весели, усреќува и исполнува мене и моето семејство, а Богојавленската среќа ја делам со вработените во мојата компанија, сите мои роднини, пријатели и деловни партнери. Кумството го доживувам како круна на постигнатото досега, како заокружување на успешната и макотрпна работа во изминатите децении, како резултат на амбициозноста, вербата во доброто и човекољубието, што ме води низ животот.
OhridNews: Од каде поврзаноста со Охрид и желбата да бидете Кум на оваа манифестација? Дали се работи за Ваша желба или желба на Вашето семејство?
Чифлиганец: Кога во 2010 година за прв пат се искапив во студените осветени води на Охридското Езеро на Водици имав само една желба. Овој возвишен Богојавленски чин да ни донесе добро здравје и тоа не само мене и на моето семејство, туку на сите вработени во мојата компанија, на сите верници и граѓани на Македонија. Две години подоцна, кога капењето на Охридскиот Богојавленски Водосвет ќе го извршам по трет пат, ми се оствари најголемата желба, да бидам Кум на оваа најмасова манифестација во овој дел од православниот свет. Капењето на Водици во Охрид мене ми донесе здравје и бериќет на сите мои пријатели и партнери во изминатте две години.
OhridNews: Дали некоја случка или некоја приказна во вашиот живот е повразана со чествувањето на овој Православен празник, односно дали негувате некој посебен култ кон него?
Чифлиганец: Водици и празникот Свети Јован се нашата света куќна слава, што ја паметам од најмали нозе, како сме ја славеле во нашето земјоделско работничко седмочлено семејство, традиција што ја негуваме и денес во домот.
OhridNews: Дали некогаш сте имале можност да бидете покровител на некоја слична ваква манифестација и православна прослава или да дарувате нешто во име на Бога?
Чифлиганец: Имам помогнато во изградбата на многу цркви во Македонија и секогаш моите врати биле отворени за верниците на МПЦ, на кои сум им помагал во изградба и доуредување на верски црковни објекти, а верувам дека со тоа ќе продолжам и во иднина. Со мојата компанија имаме подарено неколку споменици во Скопје и Струмица, како саат кули, парк, фонтата и др, а со слични содржини планирам да им го разубавам животниот простор и во иднина на нашите граѓани. Со дарувањата во мое и име на Бога, им ја давам мојата љубов на луѓето, кои сакам да се среќни, посебно во ова време кое не обесхрабрува сите.
OhridNews: Ја имате честа да бидете првиот Кум на Водици во Охрид, кој не е охриѓанец. Како охриѓани го прифатија тоа?
Чифлиганец: Сакам уште еднаш да им заблагодарам на членовите на здружението Богојавление од Охрид, кои едногласно ме избраа за Кум на Водици 2012, што се поклопува со десетгодишниот јубилеј од постоењето на ова здружение, што ја издигна организацијата на празнувањето на ниво на верско-туристички спектакл. Мојот избор за кум не е случаен. Јас се чувствува како охриѓанец, откако изминативе три децении сите поголеми празници и одмори ги поминав во Охрид, а ако даде Бог и наредниот период од животот, планирам да го минам на брегот на Охридското Езеро, другарувајќи со фасцинантната природа и моите драги пријатели охриѓани.
OhridNews: Што очекувате да Ви донесе светото кумство, имате ли некои посебни желби?
Чифлиганец: Моја најголема желба е кумството на Водици да им донесе здравје, среќа, бериќет и благослов на сите верници кои на 19-ти јануари ќе се на прославата во Охрид, и на сите граѓани на Македонија и светот. Посебно благословени нека се тие кои за здравје и среќа ќе се капат во осветените води.
OhridNews: Дадовте иницијатива за поставување на споменик за Богојавление, до каде е таа постапка и како дојдовте до оваа идеја?
Чифлиганец: Како кум на манифестацијата, сакам да оставам некој траен спомен во Охрид, што ќе потсетува на празникот Водици во иднина и тоа на местото каде што се фрла светиот крст, кај градското пристаниште. Иницијативата за подигнување на спомен обележје за Водици, што ќе се реализира заедно со здружението Богојавление, локалната самоуправа и државата, согласно законската процедура, во склад со уметничкото видување, етичките норми и посебниот третман на Охрид како заштитето национално и светско културно наследство, е во фаза на интензивни подготовки за распишување конкурс за избор на најдобро идејно решение, во координација со градоначалникот на Охрид, градскиот совет и Управата за заштита на културното наследство. Моја желба, како донатор на спомен обележјето е тоа да биде изработено и поставено до идната година, и да претставува нов симбол на градот, што во својата меморија со задоволство ќе го носат сите граѓани и туристи во Охрид.
OhridNews: Дали сте запознаени со сите обичаи кои се карактеристични за овој празник во Охрид, кој Ве запозна со деталите и дали нешто Ви остави посебен впечаток?
Чифлиганец: Откако се капам за Водици во Охрид, каде и минатите години со моето семејство и пријателите бев традиционално присутен, ги запознав обичаите, кои се карактеристични за Охрид и го видов фанатизмот со кој Охриѓани живеат за и со овој голем празник. Сега како кум, со радост навлегувам во сите детали, подготвен сум да ги испочитувам сите мои обврски, со кои ќе учествувам во главната церемонија и повеќедневните чествувања, за што со радост живеам секој ден. Посебен впечаток ми остави посветеноста на охриѓани, кои самоиницијативно со огромен ентузијазам со години го негуваат празнувањето на Водици, што прераснува во уште еден препознатлив белег на Свети Климентовиот град.
OhridNews: Дали прифативте да бидете кум и на Масовното крштевање во Охридското Езеро?
Чифлиганец: Со задоволство ќе им бидам кум на сите кои ќе сакаат да ги крстам во осветените води на Охридското Езеро на масовното крштевање на 19-ти јануари по големиот Богојавленски водосвет во месноста Сараиште. Верувам дека како кум на Водици ќе има донесам здравје, среќа, к’смет и подобар живот.
OhridNews:. Кој ќе Ве придужува на честувањата во Охрид?
Чифлиганец: На чествувањето на 19-ти јануари во Охрид ќе бидам со моето семејство, роднините, вработените во АДОРА Инженеринг, другарите од детството од родниот Радовиш, многу пријатели, деловни партнери и други гости. Сигурно ќе не има повеќе од стотина, што ќе го увеличи празнувањето.
OhridNews: Кои се даровите со кои ќе го дарувате годинешниот фаќач на крстот?
Чифлиганец: На среќниот фаќач на светиот крст, според традицијата на Богојавление, ќе му подарам голем и вреден сребрен крст во стилот на оној кој за Водици се фрла во Охридското Езеро, што ќе биде дополнето и со други подароци. Ќе има пригодни дарови и за другите капачи, за оние кои ќе се крстат на масовното крштевање, за илјадници граѓани и гости, за најдобрите студенти, за социјално загрозени семејства, за посебно заслужните за организација на манифестацијата, а подготвувам и некои новини и изненадувања кои ќе ја збогатат сликата на Богојавленската прослава во Охрид.
Лична карта:
Професор Д-р Ванчо Чифлиганец е роден во Радовиш. Во изминатите две децени бил менаџер во рудникот Бучим и во неговата сопствена компанија АДОРА Инженеринг – Скопје.
Живее и работи во Скопје. Оженет за Данка Чифлиганец, има три деца, две ќерки Евангелина и Драгана и синот Душко, со кого заедно се капеле минатите години во Охрид за Водици. Од постарата ќерка има внук Јован.
Поради бројните настани викендов во Охрид, на кои присуствуваат високи политичари, на периоди отежнато се одвива сообраќајот во делови од градот и надвор од централното подрачје Таква сликата утров...
На 11072025 во 1750 часот, во селото Песочани, општина Дебрца, полициски службеници од СВР Охрид од слобода лишија 27 годишно лице од истото село При претрес во неговиот дом, извршен по судска наре...
Исклучително сум задоволен од бројките кои се реализираа во првите пет месеци од годината во поглед на туризмот, рече премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи на последните податоци објавени од Др...
Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.
Строго неопходни колачиња
Строго неопходното колаче треба да биде овозможено во секое време за да можеме да ги зачуваме вашите параметри за поставките за колачиња.
Ако го оневозможите ова колаче, нема да можеме да ги зачуваме вашите параметри. Ова значи дека секогаш кога ќе ја посетите оваа веб-локација ќе треба повторно да ги овозможите или оневозможите колачињата.