Охриѓанецот Александар Митрески од Социјал демократската партија, е еден од петте кандидати кои на 24-ти март ќе ја бараат довербата од граѓаните за градоначалничката функција. Митрески како бизнисмен и повратник од САД, ветува дека на градот ќе му го пренесе искуството од странство, со цел подобрување на економскиот статус на граѓаните.

OhridNews: Дали имате претходно искуство во политиката и од каде мотивот за да се кандидирате за прв човек на општина Охрид?

A.М.: Искуството што сум го стекнал на професионален план во многу земји во светот, сакам да го пренесам токму во Охрид. Конкретно, до сега не сум имал некој политички ангажман. Можам да кажам дека имам контакти со бизнисмени надвор од Македонија, кои ќе ги убедам да вложат во градот. Она што е приоритетно се инвестиции во старечки домови, хотели, објекти и секако подобрување инфраструктурата.

OhridNews: Со какви луѓе сте оствариле контакт во странство и кoe е вашето професионално искуство?

A.M.: Во странство сум работел како менаџер на повеќе ресторани, a доста време се занимавав со бизнис со камиони. Сум учествувал и во формирањето на македонско – американската национална  организација, односно сум еден од тие што активно лобирале за Македонците во САД.

OhridNews: Колку слободно време одвојувате во текот на денот за вас. Дали посетувате културни настани? Кое е вашето хоби и што е она што ве исполнува надвор од работните обврски?

А.М.: Во Охрид ме знаат по фудбалот. До 98-ма година имам играно во Бетон, Охрид и во други помали клубови од околината. Жално е што во моментов градот нема фудбалски прволигаш. Од културните настани, претежно го посетувам Охридско лето и манифестациите во текот на летниот период. Кога сме кај моето хоби, како што кажав, спортот е она што ме влече. Сум ги гледал повеќето фудбалски натпревари на нашата репрезентација. Тоа е таа страст кон фудбалот.

OhridNews: Што предвидувате во вашата изборна програма? Дали во неа се вметнати капитални проекти од кои полза ќе имаат сите граѓани?

А.М.: Најпрво,  граѓаните би требало да имаат свои претставници од сите населби во градот, кои континуирано ќе контактираат со мене како градоначалник за проблемите со кои се соочуваат. Некои капитални проекти ќе мора да остварат во соработка со централната власт, без разлика која партија е тоа. Во градот не е изградена ниту една фабрика, а јавните претпријатиа се соочуваат со превработеност. Исто така, срамота е еден туристички центар како Охрид, да нема автобуска станица. Општината треба да направи план, колку објекти, ресторани, таксисти…му се потребни на градот. Локалната самоуправа на крајот од секоја година, ќе мора да достави детален отчет, колку пари се потрошени и колкав е долгот на општината, бидејќи граѓаните имаат право да го знаат тоа.

OhridNews: Која е вашата порака до охриѓани и кое е мотото со кое излегувате во трката за градоначалничкото место?

A.M.: Нека гласаат за мене за подобар и успешен Охрид. Ветувам нови инвестиции во еконимијата, инфраструктурата и спортот. Најдбобrо е самите да одлучат. Од двете опции, да ја изберат третата.

O.T.