Кандидатот за градоначалник од „Сојузот за иднината“, Александар Петрески, на претстојните локални избори по трет пат се бори да ја добие довербата на охриѓани. Смета дека во изминатите 8 години функцијата градоначалник ја извршувал домаќински, а третиот мандат го посакува за да ги доврши започнатите проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните.


OhridNews: Кој беше основен мотив да се одлучите по трет пат да се кандидирате за градоначалник на општина Охрид?

А.П. : Првиот мандат го посакував за себепромоција, воспоставувајќи нови стандарди во работата на функцијата градоначалник. Вториот го користев за реализирање на започнатото, а третиот мандат ќе го искористам за ревизија на својата работа без емоции, а  истовремено ќе се потрудам да ја оправдам довербата кај граѓаните.

За Охрид , со домаќинско работење направив многу , но секогаш велам дека може уште повеќе и уште подобро. Имам сила , знаење и искуство , и покрај секојдневните опструкции од централната власт,  да ги довршам не само започнатите проекти , туку и многу други кои ќе го подобрат животот на граѓаните и ќе го вбројат Охрид  во врвот на посакуваните туристички дестинации.

OhridNews: Доколку граѓаните повторно Ве изберат за градоначалник, дали тимот и луѓето со кои соработувавте и до сега ќе остане непроменет?

А.П. : Отсекогаш сум ја практикувал тимската работа, затоа што сметам дека заеднички донесените решенија се многу поисправни, отколку самоволието на еден човек, па дури бил и градоначалник. Секој што работи одговорно и понатаму останува дел од тимот. Нормално е дека  очекувам освежување од  новиот интелектуален потенцијал, од страна на победничката листа на „Сојузот за иднината“.

OhridNews: На што сте особено горд од досега постигнатото на професионален и приватен план ?

А.П. : На професионален план најмногу ми значи довербата од граѓаните која ја добивам два мандати по ред, а и моето кандидирање по трет пат, во најголем дел е резултат на нивната желба. Повеќе од сигурно е дека ваквата поддршка од граѓаните е резултат од реализирањете на голем дел од проектите. Дури и понекогаш мислам дека ВМРО – ДПМНЕ со нивната „ нула“ не го заслужува , слоганот “избери дела” . Таков слоган заслужуваат само луѓе кои градат , а не кои живеат врз лаги и празни ветувања.

Мојот најголем успех е тоа што сум семеен човек и тоа што успеав да ги научам моите деца да не ја живеат приказната “деца на градоначалникот”. Задно со мојата сопруга, секојдневно и покрај огромните обврски, настојуваме да живееме во семејна хармонија и што повеќе да сме заедно со нашите деца. Јас се уште се дружам со моите пријатели од школските денови и секојдневно градам квалитетни релации со луѓето кои ги запознавам. Успех е граѓаните да те доживуваат како дел од нив, затоа што јас сум пред се народен човек.


OhridNews: Дали Ви се случило да се покаете што сте на оваа функција поради која претпоставувам, често пати се случува да отсуствувате од семејни собири, прослави, значајни моменти за вашите најблиски ?

А.П.: Факт е дека градоначалничката функција значи голем број обврски и отсуствување од дома. Се трудам да не пропуштам значајни моменти поврзани со моето семејство, но не секогаш успевам.

Александар Петрески е човек од крв и месо, постојано, крајно тенденциозно обвинуван од страна на политичките противници, особено од ВМРО- ДПМНЕ. Нападите кон мене ги доживувам и како напади кон моето семејство, моите блиски и кон мојот Охрид. За среќа кај мене преовладува борбената жичка и неоткажувањето. Сите пропуштени моменти со семејството полесно си ги простувам затоа што мислам дека со мојата работа вложувам во иднината на младите луѓе, граѓаните, иднината на моите деца и во иднината на идните генерации.

OhridNews:  Дали имате омилена музика која сакате да ја слушате, омилени автори, хоби?

А.П.: Сакам да слушам квалитетна музика без оглед на жанрот. Ја сакам изворната старогратска песна, а после напорниот ден уживам во текстовите на Балашевиќ. Омилено хоби ми е спортот и готвењето, а со оглед на мојата тежина сега очигледно преовладува готвењето. Тоа ме смирува и ме одвлекува од напорното секојдневие.



OhridNews: Порака до Охриѓани. Зошто тие да ви ја дадат довербата по трет пат ?

А.П.: Јас не сум човек кој им праќа порака на граѓаните само во предизборието, затоа што мојата порака ја праќам секој изминат ден од мојот осум годишен мандат. Ја очекувам довербата по трет пат затоа што граѓаните од Охрид добро знаат кој е Александар Петрески, затоа што во овие осум години го остварив тоа што го ветив, затоа што треба да ги дозавршам започнатите проекти. Проектите за автобуската станица, катните гаражи, покриениот пазар, домот за стари лица и уште многу други проекти се готови, но нивната реализација постојано беше опструирана од централната власт на чело со ВМРО- ДПМНЕ, а сега предиззборно се фалат дека тие биле нивни проекти. Се китат со туѓо перје, но во тие лаги нема да им веруваат граѓаните и ќе ги казнат на престојните локални избори, на кои уверен сум дека довербата за трет градоначалнички мандат ќе ми ја доверат мене.

Т.Кувенџиска